Според податоците на Државниот завод за статистика, на ниво на држава бројот на живородените деца во третото тримесечје од 2021 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 3,8 % и изнесува 5 065.

Бројот на починати лица во третото тримесечје од 2021 година бележи зголемување од 30.7 % во споредба со истото тримесечје од 2020  година и изнесува 7 209 лицa, а од нив 14 се умрени доенчиња.

Природниот прираст изнесува  -2 144, што значи, за  толку  лица е помал бројот на живородените деца од  бројот на починати лица.

Во Охрид во овој период регистрирани се 111 живородени деца и 159 починати лица, од кои 1 доенче. Статистички, во овој период во Охрид има природен прираст од – 48. Во Струга, пак, регистрирани се 138 живородени деца и 189 починати лица. Статистички, во Струга во истиот период има природен прираст од – 51, се наведува во податоците од Државниот завод за статистика.

Бројот, пак, на склучените бракови во ова тримесечје од годината на ниво на држава е за 11.7 % зголемен во споредба со истиот период од 2020 година и изнесува 4 398 бракови. Во ова тримесечје се добиени 480 извештаи за разводите.

Во Охрид, за ова тримесечје, склучени се 126 бракови, а регистрирани се 24 разводи, додека во Струга склучени се 184 бракови, а регистрирани се исто како и во Охрид 24 разводи, стои во податоците.

Што се однесува до податоците за второто тримесечје од 2021 година во Охрид има регистрирано 80 живородени, 162 починати лица. Со ова природниот прираст во ова тримесечје изнесува – 82. Во овој период регистрирани се 55 склучени бракови и 18 разводи.

OhridNews