Студентите во Охрид можат да конкурираат за 113 слободни легла во студенскиот дом „Никола Карев“ на повторниот конкурс од МОН за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студенски домови и други објекти за сместување во државава за студиската 2021/2022 година.
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk. Доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во студентскиот дом, информираат од Министерството за образование и наука.
Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи се до нивното пополнување, но најдоцна до 31 јануари 2022, наведуваат од МОН во објавениот конкурс, во кој се содржани информации за начинот на аплицирање и за потребните документи.
Распределбата на расположливите места ќе се врши во три групи. Расположливите места во првата група или 40 отсто од вкупниот број се наменети за студенти за кои вкупните приходи во семејство се до нето минимална плата, студенти без родители и родителска грижа, деца со посебни потреби, деца на корисници на социјална парична помош и постојана парична помош, деца на самохран родител, деца на невработени родители и деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работен однос од деловни причини. Во втората група се на располагање 25 отсто од вкупниот број на расположливи места во домовите за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето и во третата група се одвојуваат 35 отсто од капацитетите за радовни студенти на прв циклус на јавни и приватни универзитети и високообразовни установи во земјава.
На повторниот конкурс вкупно во државава ќе може да се сместат 1205 студенти запишани на додипломски студии од прв циклус од јавните и приватните високообразовни установи во девет студенски домови. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Рокот за пријавување почнува денеска и ќе трае до 31декември 2021.
OhridNews












