Веќе 13 години во Охрид функционира Дневниот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост „Зраци“. Пет стручни лица ангажирани во оваа установа се обидуваат секојдневно да им помогнат на 15 деца со пречки во развојот, со цел истите да бидат оспoсобени за различни активности и самостојно живеење.

Како што појаснува Зоран Костадиноски, дефектолог во Дневниот центар „Зраци“, 13-те години макотрпна работа претставуваат добар континуитет во предизвиците кои се исправаат пред ова Здружение.

Можам да кажам дека имаме добар континуитет. Во овие 13 години во центарот беа вработени две лица, а со неодамншениот проект на општина Охрид со која имаме одлична соработка, ангажирани се нови три лица за периодот  од 1- ви ноември до 30 април идната година. Со тоа се овозможува центарот непречено да продолжи со работа и се надевам дека статусот на ангажираните лица по истекот на овие шест месеци трајно ќе биде решен.“ – истакна Костадиноски.

Костадиноски потенцира дека лицата со интелектуална попреченост имаат потреба од константна поддршка во текот на сите 365 дена во годината.

„Тука се работи во текот на целата година, и оттаму датумот 3-ти декември не претставува нешто посебно, односно не се издвојува. – истакна Костадиноски.

„Зраци“ е дел од координативно тело во кое партиципираат здруженијата на телесни инвалиди, на лицата со оштетен вид, односно слух. На свеченост што се одржа вчера претставниците на овие здруженија ги посети градоначалникот Бакрачески. Тој им го честита празникот и најави поддршка на нивните активности. 

O.T.