
Славниот Салвадор Дали на изложбата на Вангел Наумовски во Галеријата „Мона Лиза“ во Париз во 1970 година ќе рече : „Ова е сликар од бајките. Тој е наивен сликар, но Медитеранот оставил силен печат на него. Мошне е префинет и суптилен. Ова е комплетна изложба. Неговото сликарство е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните наивни сликари. Кај Наумовски има елемнти кои може да бидат дури и научни. Исто така интересна е и биолошката страна на неговото сликарство“.
Вангел Наумовски, според енциклопедиските податоци, е роден во Охрид во 1922 година. Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е исклучен од истото како „неталентиран“. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година. Има изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. После следувале нови изложби и награди и признанија. Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделил наградата „Свадбен венец”. Истата година градот Охрид му ја доделил наградата за сликарство „Седми ноември”, година која е забележана и по неговото целосно преминување во сликарството како слободна професија.

Вангел Наумовски беше чуден човек, велат неговите современици. Тој беше и архитект, скулптор, поет, музичар. Во различни свои уметнички изразувања се потипишуваше како Нав Муан, Ван Сан Скребатски или како Сараван. Неговите дела се изложувани во многу познати галерии, а ги красат домовите на многу познати личности во светот.
OhridNews












