Во текот на 48-ма недела од 2021 година (29.11-05.12.2021), во Република Северна Македонија пријавени се 100 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип. Во Охрид во споредбата со претходната недела помал е бројот на регистрирани заболени лица со сезонски грип. Во текот на 47-мата недела од 2021 година во Охрид беа пријавени 21 случај на сезонски грип.
Заболените се пријавени во Дебар – 44, Гостивар – 33, Охрид – 15, Тетово – 6 и во Кавадарци – 2. Во однос на возрасната дистрибуција, 52 лица се на возраст од 15-64 години, 29 се регистрирани кај деца на возраст од 0-4 години, 18 кај деца на возраст од 5-14 години и едно лице на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај најмладите, децата на возраст од 0-4 години, информираат од ИЈЗ.
Бројот на регистрирани случаи во 48-ма недела е зголемен во споредба со минатата сезона. Во сезоната 2021/2022 вкупниот број на заболени изнесува 509, односно 2,3 пати повеќе во споредба со истиот период минатата сезона велат од ИЈЗ.
Вкупно од 40-48 недела заболени се 117 лица во Охрид. Минатата година како и оваа, има намален број на заболени од сезонски грип, што се должи на носење на заштитни маски. Во Охрид до 9 декември вакцинирани се 2089 лица, а достапни се уште 664 дози, информираат од Центарот за јавно здравје Охрид.
Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај од ИЈЗ, вакцинирани се вкупно 44.374 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.
OhridNews












