Моментално во модуларната болница во Охрид има 17 хоспитализирани пациенти од кои десет се на кислородна поддршка. Последниве денови имаме мал пораст на бројот на заболени и хоспитализирани, но состојбата е под контрола, вели директорот на Општата болница во Охрид, Горан Балевски.
Досега немаше потреба од дополнителен персонал со оглед на помалиот број на хоспитализирани пациенти кој се движеше околу 7-8 во модуларната болница, а од денес се дополнува персоналот со лица од другите оддели. Во моментов има 17 пациенти, од кои 10 на кислородна поддршка. Инаку, сите други оддели работат со нормална патологија, додава Балевски.
Директорот напоменува дека централниот довод на системот за снабдување со кислород работи веќе три месеци во болницата, додавајќи дека ставен е и резервен тритонски сад до кислородната станица, ако се зголеми бројот на хоспитализирани пациенти над 40.
Одделот за урологија после застојот од 10 дена работи со полн капацитет. Сеуште останува Одделот за детски болести да работи со скратено работно време. Треба да се направи добра екипа за да може да профункционира делот и со третата смена на педијатрија. Но, засега ситуацијата се регулира во соработката со болницата во Струга, каде се препраќаат пациентите, додава Балевски.
Потенцира дека недостиг на медицински кадар, доктори и сестри, има во секое време, а немедицински има повеќе од доволно.
Н.С.Ј.













