Реализацијата на буџетот за првиот квартал од 2026 година, тримесечните извешаи на јавните претпријатија, платите на вработените во јавните претпријатија, но и на вработените во општинската администрација беа во фокус на денешната расправа на десеттата седница на Совет. Опозицијата и советничкото мнозинство со спротивни ставови.

Реализацијата на буџетот во првиот квартал јасно ја отсликува тенденцијата на локалната власт фаворизирајќи проекти и програми преку кои остваруваат директен и индиректен личен интерес поединци, групи и групации. Во програмите за основно и средно образование и детска заштита за овој период реализацијата на капитални инвестиции е 0 со образложение дека во овој прв квартал се издавале потврди за одобрени финансиски средства и затоа нема никаква реализација, вели советничката во Советот на Општина Охрид од СДСМ, Лидија Неданоска.

Потенцираше дека и покрај обидите за прикажување на позитивна финансиска слика за работата на јавните претпријатија фактичката состојба е спротивна на извештаите кои денес беа приложени.

Да не заборавиме дека истите енормно ги поскапеа услугите кои ги нудат, истите се корисници на субвенции, истите се партиски сервис за задоволување на партиски интереси односно партиски вработувања. Реагиравме како советници зошто пресметката на платите на вработените во сите јавни претпријатија не оди според општ колективен договор, туку спротивно на одредбите на општиот колективен договор. Ако одат по тој општ колективен договор вработените треба да земаат повисоки плати. Пресметката не е по тој општ колективен договор и е спротивна на Закон, рече Неданоска.

Советничката група на СДСМ регираше и за покачувањето на платите на вработените во општината кое според нив треба да е линерано.

Не би требало тие што земаат повисоки плати да имаат поголемо покачување, а тие со најмали плати со најмало покачување, односно да биде линеарно зголемувањето, за сите исто. Покачувањето ќе биде за 2026 година доколку во буџетот има средства да оди со просечната плата од 2026, а ако нема ќе биде со просечната плата од 2025 година. Ова покачување би било најверојатно од јуни, истакна Неданоска.

Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски посочи дека реализацијата на буџетот за првиот квартал е 20% и истата е очекува со оглед дека трендот на зголемување на тој процент ќе биде во наредниот период.

Генерално последните 4-5 годни се трудиме што повеќе да е зголемена реализацијата на буџетот и капиталните проекти да бидат реализирани до крајот на годината. По програми 67% е реализацијата на програмата за спорт и рекреација, други комунални услуги 69%, уредување градежно земјиште 35%, локален економски развој 26%, изградба и реконструкција на локални патишта и улици 20%, урбана опрема капитални расходи 25%, културни манифестации и творештво 22%, основно образование 17%, унапредување на здравствена заштита 46%, јавно осветлување 28%, јавна чистота 38%… Реализацијата кај средно образование кај капиталните производи е 1% но со оглед на тоа дека во овој период се изготвуваа проектните документации веќе реализацијата ќе се види во следниот квартал, посочи Божиновски.

Јавните претпријатија, вели, се во добра кондициона форма, додавajќи дека според извештаите одредени претпријатија работат со зголема добивка, а таму каде што има долг се намалува тековно, конкретно кај ЈП Нискоградба.

Во однос на вработените ниту едно претпријатие не ја надминува бројката од оние затекнати кои биле додека ние сме биле опозиција и со преземањето на локланата влас. Се гледа да се надополнат оние недостатоци, како што е загубата на вода и конкретно оние критики кои беа насочени кон зголемените адвокатски услуги се однесуваат на тоа што веќе јавните претпријатија започнуваат со наплата и нормално е дека таквите трошоци ќе бидат зголемени. Што се однесува за платите на вработените во јавните претпријатија во однос на спроведување на општиот колективен договор конкретно во ЈП Нискоградба вработените имаат највисоки примања во однос на останатите јавни претпријатија. Останатите во согласнот на нивните законски услови ќе треба да ги усогласат примањата со општиот колективен договор и со минималната плата.

Како Општина, истакнува Божиновски, и претходно во два наврата ги имаат зголемено платите на вработените во општинската администрација, но сега во договор со Синдикатот се обезбедени покачувања на платата во зависност од стекнатото образование и коефициентот на сложеност на работа.

Во зависнот од работните места ќе се движи и покачувањето на финансиските средства на вработените. И тоа е добро затоа што долги години наназад вработени со средно и високо образование земаа речиси идентични плати и во однос на сложеноста на работата треба да се почитува Колективниот договор. Покачувањето би било веднаш по објавување на одлуката во Службен весник, а ќе се спроведува во зависност од онаа просечна плата која ќе биде во март2025-март2026 која ќе се зема како основа за пресметка на платата според формулата која е ставена во Колективниот договор, додаде Божиновски.

Н.С.Ј.