Лидерите на 28 земји-членки на ЕУ денес се состануваат во Брисел за да договорат нови мерки кои би го ограничиле доаѓањето на мигранти преку Средоземното Море. Самитот се одржува во период кога зголеменото незадоволство од имиграцијата создава притисок врз владите, посебно на Германија и Италија.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, очекува дека дводневниот самит ќе ја спаси нејзината канцеларска позиција, која е силно потресена поради разликите во владината коалиција во поглед на мигрантските политики. Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, е подготвен да потпише договор со Меркел со цел да го олесни враќањето на барателите на азил од Германија во други европски земји, пишуваат светските медиуми.

Ципрас деновиве изјави дека е отворен за посебен договор со Берлин со цел да се намали „секундарното движење“ (кога мигрант дошол во земја на ЕУ за да побара азил, но потоа заминал во друга земја од Унијата). Според Ципрас, постоечките правила на ЕУ за прераспределба на барателите на азил меѓу земјите-членки се веќе надминати и застарени.

Според соопштението за дводневниот самит, ЕУ би требало да ги зајакне своите надворешни граници, па поради тоа ќе бидат потпишани договори со кои ќе се зголеми паричната поддршка за северноафриканските земји кои би требало и самите да го спречат заминувањето на луѓе кон Европа.

Лидерите на ЕУ се длабоко поделени околу прашањето што да се прави со легитимните баратели на азил, кои избегаа од конфликтите на Блискиот Исток и Африка. Ова прашање е јаболко на раздор меѓу земјите-членки веќе три години и сè уште нема индикации дека набрзо ќе биде решено.

Разликите особено се изострија последниве денови, што само навестува дека ќе се води жестока дебата зад затворени врати, објави „Ројтерс“, додавајќи дека лидерите на ЕУ во јавноста се обидуваат да демонстрираат единство.