Германците Макс и Ноно, штотуку дипломирани студенти, пред да ги изберат животните професии започнаа необична авантура со која сакаат да го свртат вниманието на светот за подобрување на условите за образование во неразвиените земји. За таа цел тие со велосипеди ќе минат 15.000 километри од Берлин до кинеската престолнина Пекинг. По нешто помалку од една петтина од патот двајцата волонтери пристигнаа во Охрид, каде ни раскажаа како дошле до идејата за реализација на необичниот подвиг.

Една вечер гледавме документарец на “National Georgraphic” за еден човек што возеше велосипед од Орегон до Патагонија, тоа беше неверојатно лудо, токму тоа што го баравме, и си рековме зошто и ние не направиме сличен подвиг но со социјален импакт да им овозможиме и на другите деца да имаат соодветно образование. – изјави Макс Џабс.

Целта на Макс и Ноно е да соберат 70000 евра за изградба на училиште во Гватемала. Средствата ги собираат онлајн преку глобална непрофитна организација „Pancils of promise“.

До сега имаме собрано онлајн 15000 евра, нешто повеќе можеби. Покрај тоа што комплетно ќе се опреми едно училиште, со донацијата ќе бидат покриени и трошоците за школување на 400 деца една година. До сега имаме донации од 350 луѓе од разни места во светот, имаме голема глобална поддршка од секаде, што е извонредно. – изјави Ноно Кoнопка.

Авантурата во хуманитарни цели на Макс и Ноно може да се следи на интернет страницата која тие наменски ја креираа за овој подвиг, каде постојано се ажурираат податоците за собраните донации и изминатите километри. Нивниот подвиг ќе го документира холандски режисер, а дел од приказната која ќе го обиколи светот ќе се снима во Охрид.

Г.Момироски