Потребни се итни решенија за струшката депонија, која повеќе од две децении претставува сериозен еколошки и здравствен ризик за населението. Ова е заклучокот од јавната расправа насловена „Од дива депонија до европско решение – солуција за Струга“, што ја организираа Граѓанската сила „Замисли“ и БЦКП „Солуција“ со поддршка на локалната партнерска организација ЗРА „Аква“.

Пред почетокот на самата дискусија, депонијата ја посетија евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас, струшкиот градоначалник Менди Ќура, заедно со претставници на граѓанскиот сектор, со цел да ја увидат алармантноста на состојбата на лице место. При посетата евроамбасадорот Рокас изрази шок од размерите на проблемот и се заложи за итни мерки. Невладините организации бараат нејзина целосна дислокација, додека општината најавува редовно одржување сè до трајното решавање на проблемот.

Искрено, шокиран сум од размерите на проблемот. Бев свесен дека депонијата не ги исполнува потребните стандарди, но кога човек ќе види дека се наоѓа на само неколку стотици метри од домовите на граѓаните, во непосредна близина на реката, водоводната мрежа и езерото, тогаш станува јасно колку е сериозна ситуацијата, изјави Рокас.

Тој потсети дека Европската Унија веќе подолг период го поддржува воспоставувањето на регионален систем за управување со отпад во Новаци како трајно решение, но нагласи дека поради доцнењата во реализацијата неопходно е паралелно да се преземат и итни активности за справување со сегашната состојба.

Европската Унија стои зад проектот за регионален третман на цврст отпад во Новаци, но тоа е долгорочно решение, а состојбата овде бара итни мерки. Ќе разговарам со надлежните институции и со градоначалникот за да утврдиме кои конкретни чекори можат веднаш да се преземат, истакна Рокас.

Германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер, којашто се приклучи на дискусијата, истакна дека и граѓанската одговорност во ваквите случаи е битна, но и дека граѓаните треба да добијат конзистентни решенија, да имаат каде да го одлагаат и рециклираат отпадот што претходно ќе го селектираат.

Мислам дека треба повеќе притисок од нас како амбасадори врз надлежните институции, за да се интензивираат работите. На земјата ѝ треба колективен систем за менаџмент со отпадот, а граѓаните мора да се добро едуцирани и спремни да придонесат. Ова е многу комплексна дискусија и дефинитивно не е само до владините или локалните институции, истакна Дрекслер.

Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, изрази уверување дека посетата на евроамбасадорот на депонијата ќе даде дополнителен поттик за побрзо реализирање на проектот за регионалната депонија.

Формирано е координативно тело кое работи на овој проект, а финансиските средства за изградба на системот во Новаци се веќе обезбедени. Активно работиме на подготовките и оваа недела имаме нов состанок посветен на следните чекори. Очекуваме наскоро да биде распишан тендер за постројката за третман на отпадот и веруваме дека на тој начин конечно ќе се надмине проблемот, изјави Ќура.

Тој посочи дека Општината веќе ангажирала компанија задолжена за одржување на депонијата, чија обврска е и да спречува појава на пожари. Воедно, упати апел за координирана вклученост на сите релевантни институции, како на локално така и на централно ниво, како и за поголема информираност и свесност кај граѓаните за сериозноста на состојбата, со цел што побрзо решавање на проблемот.

Адвокатот и еколошки активист Глигорие Ќатоски оцени дека посетата е особено важна бидејќи за првпат прашањето за депонијата се отвора на повисоко политичко ниво.

На европскиот амбасадор му ги презентиравме размерите на проблемот. Во 2021 година измеривме дека депонијата достигнуваше висина од 22 метри, додека денес таа е висока околу 30 метри над нивото на теренот. Тоа значи дека во период од пет години пораснала за речиси десет метри, рече Ќатоски.

Според него, единственото долгорочно и одржливо решение е целосно преместување на депонијата, деконтаминација и рекултивација на просторот и негово пошумување, додека отпадот во иднина би се депонирал во рамки на регионалниот систем во Новаци.

Сѐ додека не биде изградена регионалната депонија, Општина Струга треба да воведе конкретни мерки за селекција и рециклирање на отпадот. Нашите анализи покажуваат дека на тој начин количеството отпад што завршува на оваа локација може да се намали за дури 80 проценти, нагласи Ќатоски.

Тој потсети дека законската обврска за решавање на проблемот ја имаат Министерството за животна средина, Општината и Јавното комунално претпријатие. Според него, неопходно е континуирано и одговорно управување со депонијата за да се избегнат нови пожари и еколошки инциденти какви што имаше во минатото. Ќатоски, инаку, има поднесено и две апликации до Судот за човекови права во Стразбур во врска со депонијата, откако во Македонија судските инстанци се прогласиле за ненадлежни за правно санкционирање на загрозувањето на здравјето и животот на граѓаните. И двете апликации се прифатени и во следниот период Судот треба да расправа за овој случај.

Посетата на депонијата и дискусијата произлегоа од јавната дебата „Кажи си ја маката“ организирана на 12 мај годинава од „Замисли“ и „Солуција“, со поддршка на ЗРА „Аква“. Настанот тогаш предизвика голем интерес меѓу жителите на Струга, а заклучокот беше дека депонијата претставува најсериозен локален проблем и дека заслужува посебна јавна расправа насочена кон изнаоѓање конкретни решенија.

OhridNews