Незадоволни што мнозинството од советот не ги изгласа на дневен ред предложените точки за разрешување на претседателот на советот и околу уривањето на дивоградбите во Трпејца, советничката група од ВМРО- ДПМНЕ ја напушти денешната седница на советот , непосредно по утврдувањето на дневниот ред.

Како што изјави координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски, одбивањето на двете точки предложени од нивна страна, е најнедемократскиот чин што досега е случен.


Се одби предлогот да се расправа за неспроведување на одлуките на општината околу уривањето на дивоградбите во Трпејца, што подоцна ќе засега и други региони од градот и општината. Ова е врвот на нарушувањето на демократскиот капацитет кој Охрид го има, врв на недозволувањето на мнозинството да се отворат важни прашања кои ги засегаат граѓаните и после овој чин ќе биде тешко демократските капацитети да се вратат. Немаме основ повеќе да присуствуваме на седницата. Целта беше да се отворат и прашањата зошто советот три години не функционира како што треба, а ние вината ја гледаме во оној кој го раководи советот, рече Паноски. 


За претседателот на советот, Душко Јаковчески, напуштањето на седницата од страна на советничката група од ВМРО- ДПМНЕ е демократски и личен чин, но не и чин кој е во интерес на граѓаните на Охрид.

На денешната седница има уште доста точки значајни за градот и граѓаните . Премногу се внесе политика во се и во работата на институциите на системот. Точките се поставија на гласање, мнозинството одлучи да не се составен дел од дневниот ред. Јас морам да ја прифатам одлуката на мнозинството, изјави Јаковчески.

Според координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, постапката на советниците од ВМРО- ДПМНЕ, претставува бегање од одговорноста.

Не може се што ќе им текне да се стави на дневен ред, а ако мнозинството не го прифати да се лутат и заминуваат. Денес имаме над 20 точки, меѓу кои и точки од особена важност за градот. И во најмала рака е несирозно поради неприфаќање на точки на дневен ред  да се заминува од седница, но тоа е нивно право. Но, треба да знаат дека токму демократските принципи се дефинирани преку волјата на мнозинството.Убедени сме дека она што се предлагаше како додатни точки од ВМРО- ДПМНЕ не е во согласност со деловникот и статутот за работа на советот, рече Тунтев.


Во продолжението на седницата, во отсуство на советниците од ВМРО- ДПМНЕ, советот ги изгласа сите точки од дневниот ред.

Меѓу нив, одлуката за кредитно задложување на ЈП “Нискоградба”, Одлуките за разрешување и именување на член во управниот одбор на ОУТУ “Ванчо Питошески”, Одлука за   поддршка на проект  „Управување со ризици од поплави, Одлуката за   поддршка на проектот „ Искористување  и уништување на градежен отпад и асвалт, извештаите од работењето на јавните претпријатија, Одлуката  за усвојување на годишната  програма за поставување на  урбана опрема во општина Охрид за 2012 година, одлука  за продолжување на работното време на  угостителските објекти и Одлуката  за  организирање на режимот на  сообраќај на дел од територијата на општина Охрид.

Т. К.