Дури 54 пати интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид во месец март. Релативно сувото време, невообичаено високите температури, сушењето на ниската вегетација и човечкиот фактор, се причините поради кој најголемиот број од интервенциите биле на отворен простор.

Како што вели Горан Маркоски, заменик-командир во ТППЕ Охрид, за разлика од минатата година бројката на пожари на отворен простор е драстично зголемена.

„Во 2010 година во месец март сме имале само осум пожари на отворен простор. Во 2011 девет, додека следната дури 59. Ланската година имавме затишје, бидејќи временските услови беа поволни со чести врнежи од дожд. Оваа година, загрижува тоа што бројката е поголема, односно од сите интервенции дури 36 се на отворен простор.“ – вели Маркоски.

Изгорени 30 000 метри квадрадратни трска?

Според проценките на Територијалната противпожарна единица од Охрид, околу 30 000 квадратни метри трска се изгорени на потегот од Студенчишкото блато до кампот „Андон Дуков“.

За разлика од минатата, оваа година се соочуваме со еден доста негативен тренд, а тоа е палење на трската. Почнувајќи од Хидробиолошкиот Завод, преку Свети Еразмо, па се до кампот Андон Дуков. На сите тие места имаме големи површини трска кои се изгорени, а нашите проценки велат дека се работи за околу 30 000 метри квадратни.“ – потенцира Маркоски.

Тешки и долги интервенции при гаснење на опожарена трска

Како што објаснува заменик-командирот на ТППЕ Охрид, потребно е да се посвети особено внимание и професионалност при интервенциите на опожарена трска, бидејќи процесот на гаснење е макотрпен и може да потрае со часови.

Тоа се долги и тешки интервенции, а колегите најчесто се соочуваат со проблеми. Трската е тешко пристапна, доста густа, а од самото горење се развива висока температура. Алататот за гаснење е таков, да мораме да се доближиме до самото место. Дополнителен проблем претставува местото каде што расте трската. Тоа е блато во кое има канали, доста длабоки и опасни. При ваквите интервенции, најпрво мора да се заштитат објектите кои се во непосредна близина, а потоа постепено се пристапува кон локализирање и конечно ликвидирање на пожарот. “ – објаснува Маркоски.

Чести пожари и во ЈУ Нациоанален парк „Галичица“

Во изминатиот период беа регистирани неколку опожарувања во Националниот парк „Галичица“, поради палење на стрништа, плевел и други расителни отпадоци во рамките на самиот парк. Маркоски вели дека во последната интервенција позади Летничките извори, во која учествувале и самите вработени од јавната установа, опожарена била голема површина на смрека и сува трева.

Карактеристичен пожар имавме во заштитената област на ЈУ Национален парк „Галичица“, на Петрино позади Летничките извори, односно на местото викано Габреш. Изгорена е поголема површина од пет хектари на смрека и сува трева. Во интервенцијата учествуваа четири пожарникари и четворица вработени од установата, кои додаоа натчовечки напори за да го изгаснат пожарот.“ – вели Маркоски.

Шумски пожари во општина Дебрца

Во повеќе села во општина Дебарца, Територијалната противпожарна единица од Охрид интервенирала повеќепати, поради опожарување на шуми и нискостеблеста вегетација.

Во Велмеј, Црвена Вода, Ново Село и Врбјани сме имале по една интервенција. Во Љактиње во самото поле гореше сува трева со површина од шест хектари. Во Годивје е изгорена дел од боровата, дабовата и буковата шума, односно делумно опожарена површина од 30 хектари. Во Злести имавме пожар на суви гранки и лисја, а зафатена беше и шумата од еден хектар. Во Белчишта покрај сувите гранки, беа зафатени и две бандери. Претходниот месец, во Свињишта имавме интервенција каде беше опожарена површина од 3000 метри квадратни. Исто така, запалена беше и ниска вегетација во областа Чекоштина.“ – информира Маркоски.

Изминатиот месец опожарен објект во охридската касарна

Во текот на минатиот месец, брзата интервенција на охридските пожарникари спречи пожар од поголем размер во охридската касарна.

Тоа беше пожар на улицата „Будва“ каде беше опожарена поголема површина на сува трева и капини. Ветерот ги прошири пламените јазици, кои зафатија објект во самата касарна.“ – вели Маркоски.

Интервенции поради запалени оџаци и контејнери

Покрај 14-те интервенции на охридските пожарникари поради запалени димоводни канали, во месец март опожарени се и пет контејнери на Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“.

Во два случаи се работеше за пластични контејнери, а кога тие ќе бидат опожарени, настанува штета. Потребно е да се внимава, како се фрла отпадокот од грејните тела. Не смее да се фрла жар во контејнерите, бидејќи постои опасност од нивно опожарување.“ – вели Маркоски.

Превидени високи казни

Според законот, за предизвикување пожар од невнимателност предивени се високи парични казни и тоа од 1000 до 2000 евра за физички лица. Исто така, Законот за шумарство е дециден- забрането е палење оган во рамки на националниот парк , а предвидените казни се движат 1500 до 3000 евра за физички лица, а од 6000 до 8000 евра за правни лица.

Мора да упатиме еден апел до јавноста, дека строго е забрането палење на стрништа, суви гранки или капини. Доколку некој на својот имот истите ги запали, а во меѓувреме се јави ветер, пожарот може лесно да се пренсе. Сите овие случаи, на еден начин ја ослабуваат самата единица, па мораме да повикуваме луѓе од дежурната смена. Исто така, се троши време, енергија и ресурси,  возилата се амортизираат по стрмните терени.“ – апелира Маркоски.

О.Т.