Една од најстарите компании во градот Охрид, печатницата и картонажа „Коста Абраш“, приказната ја започнува по Втората светска војна, на темелите на преродбата и изградбата на тогашната држава, како исклучително значаен дел од развојот на локалната економска заедница.

Печатницата и книговезницата „Коста Абрашевиќ“ – подоцна именувана „Коста Абраш“ започнува со работа на 15.05.1948 година. До 1951 година работела како претпријатие во склоп на занаетчиско претпријатие „Братство“, по што со решение на тогашните власти се извршила фузија со неколку други претпријатија. Самата печатница била единствена од таа врста на целата територија на Охридската околија и една од деветте претпријатија од оваа гранка во Н.Р. Македонија. Таа едновремено преставувала и најмладо графичко претпријатие во земјата. Но и покрај тоа со активноста што ја спроведувала и успесите што ги постигнала во релативно краткиот период на својот развиток се вбројувала меѓу најдобрите претпријатија во Република Македонија. – вели историчарот Никола Митровиќ.

Низ годините претпријатието се трансформираше, менуваше и модернизираше и стана синоним за печатарството на овие простори. „Коста Абраш“ успешно опстојува до ден денес. Во моментов има 50-на вработени, со интенција нивниот број да биде значително зголемен во 2019 година, за кога се најавени сериозни инвестиции.

Во 2019 година планираме инвестиција од половина милион евра во производството, зголемување на бројот на вработени, нивна доквалификација и обука и воведување нови услуги кои ќе ги следат потребите на времето во кое живееме, како и добивање на меѓународни сертификати за квалитет. – вели генералниот директор на печатница и картонажа „Коста Абраш“ Климе Деспотоски.

„Коста Абраш“ изработува производи од секаков вид хартија, книги, списанија, етикети, кутии за амбалажа од хромо картон, транспортни кутии, како и амбалажа со браево писмо. Во моментов печатницата изработува секаков вид офсет печатење и подготвовки со ЦТР опрема, а во фаза на набавка е и нова опрема за изработка на златен печат, нова лепилка со автоматски читач на бар код, слотер машина…

Наша цел е пласман на производите на пазарите во регионот. Веќе сме присутни во Албанија, Косово и Бугарија, а работиме на освојување и на другите пазари во опкружувањето. -истакнува генералниот директор Деспотоски.

Седумдецениското работење печатницата и картонажа „Коста Абраш“ го заокружува со уште една успешна година и најава за развој, што гарантира стабилност на едно од најстарите и најпознати претпријатија во Охрид.

Г.М.