Со години зборуваме за спроведени реформи во правосудството, за натамошно градење на ефикасен и правичен систем, како гарант за почитување на човековите права и слободи. Меѓутоа, довербата на граѓаните во судскиот систем е во постојана надолна линија. Речиси нема човек во нашата држава што не минал низ судските лавиринти и што не поседува лошо искуство барајќи ја правдата. А, кога граѓанинот ќе ја загуби вербата во правдата, тогаш ја загубил најсилната врска со државата. Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Регионалниот форум за добро владеење и борба против корупцијата, кој е заеднички организиран од регионалната програма за антикорупција, финансиран од ЕУ и воден од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и проектот „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција“ поддржан од Проектот на УСАИД за Граѓанско учество, спроведуван од Транспаренси Интернешнл Македонија (ТИ-М).

Говориме за неселективно и независно судство, коешто професионално, правично и непристрасно ќе ги спроведува законите. Од друга страна, речиси секојдневно имаме судски случаи кои предизвикуваат сомнежи, дали во нашата држава правото важи еднакво за сите или можеби правото е сведено на политички инструмент, а правдата сè уште се повлекува пред моќта на моќните, посочи Претседателот.

Долги години се бавам со прашањата од областа на безбедноста и слободно можам да кажам дека во изминатите 10-15 години во нашата држава високата корупција прерасна во една од најголемите безбедносни закани за иднината на земјата. Тука морам да го издвојам т.н. случај „Рекет“ кој дискредитираше голем дел од нашите напори и надежи за справување со криминалот и високата корупција. Лично, не очекував дека носители на толку важни и одговорни функции толку ќе потфрлат во даден момент. Овој случај останува да биде лакмус за правната држава, а со тоа и тест за отпорноста од политички влијанија на клучните институции.

Во оваа прилика сакам да нагласам дека искрената борба за правна држава подразбира да се истражуваат криминалите на претходната, но и криминалите на актуелната власт и секој кој се огрешил од законот, да добие соодветна казна. Истовремено е многу значајно да не се дозволи преку намерно застарување на предметите да се случи т.н. „скриена амнестија“ на сторителите на дела поврзани со високата корупција. – истакна Пендаровски.

За ефикасна борба против високата корупција нам ни е потребен и нов Закон за јавно обвинителство кој ќе ги задоволува највисоките европски стандарди, наместо преку непринципиелни политички договарања зад сцена да ја компромитираме борбата со високата корупција, додаде претседателот Пендаровски.

На Форумот кој се одржува на тема: „Исполнување на ветувањето за проширување на ЕУ: 30 години добро управување и антикорупциски реформи во Централна и Источна Европа“, претседателот Пендаровски повика на соработка помеѓу институциите, невладиниот сектор, приватниот сектор, затоа што тоа е еден од успешните начини во справувањето со корупцијата, а транспарентноста и отчетноста се темели на доброто управување и владеење на правото.

OhridNews