ОО СДСМ Охрид со соопштение по однос на дадената изјава на Градоначалникот Кирил Пецаков за дивиградбите и плажите во Охрид. Велат Пецаков по се изгледа сака да го врати Охрид во минатото кога 11 год. владееше неговата партија ВМРО ДПМНЕ, а во градот дивеел тотален урбанистички хаос.
Зачудува фактот што Пецаков како поранешен советник и пратеник покажува тотално непознавање на законите и го нема прочитано Планот за управување со светското природно и културно наследство и не му се важни препораките од УНЕСКО. Да им појасниме дека во активностите за отстранување на објектите на плажите се опфатени физички или правни лица кои имаа добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на Општина Охрид. Решение не може да се издаде ако нема фактичка состојба, дивоградба со записник. Во отстранувањето на дивоградбите на плажите постапувано е строго по законски процедури и апсолутно нема никаква селективност, се вели во соопштението.
Што се однесува до останатите дивоградби во градот, претставниците на ВМРО ДПМНЕ немаат никаков кредибилитет да критикуваат бидејќи нивните советници немаа храброст на седница на совет да го поддржат носењето на Динамичкиот план за отстранување на дивоградбите, се додава во соопштението.
Пецаков сето тоа што планира да го прави се коси со законот и со препораките на УНЕСКО. Се до носење на План за уредување на крајбрежјето не постои никаква законска можност за било какви постапки. Плажите треба да бидат слободни, тие им припаѓаат на граѓаните на Охрид, а не на поединци кои години наназад беа толерирани и работеа без концесии, стои во соопштението на ОО СДСМ Охрид.
OhridNews












