Во  случајот што се води пред Основниот суд Охрид, во кој обвинетите Нефи и Ибраим Усеини се товарат за кривично дело „насилство“, констатирана е полесна физичка повреда кај оштетениот, која не се класифицира во потежок вид на кривично дело. Ова во изјава за медиумите го истакна Димитрија Цобоски, адвокат на Нефи Усеини,  откако судот го одложи за денеска закажаното прво рочиште од предметот кој се води против него и неговиот брат Ибраим Усеини за инцидентот што се случи на 18 август, во кој физички беше нападнат охриѓанецот Спиро Топалоски.

Во случајот станува збор за кривично дело, кое сепак претставува еден вид на загрозување на нечија сигурност, предизвикување страв, нерасположение во јавноста, меѓутоа не е во доменот на тешки кривични дела каде што може да имаме последица тешка телесна повреда или крнајно смртна последица – вели адвокатот Цобоски.

Минималната казна за ваквото кривично дело е 6 месеци а максималната до 5 години. Што точно се случило ќе се утврдува во текот на доказната постапка, додава адвокатот Цобоски.

Што се однесува до пиштолот кој се спомнува во јавноста, адвокатот Цобоски со став дека доколку имало такво нешто во конкретниот случај поинакво ќе било обвинението, кое единствено ги товари обвинетите за „насилство“.

Адвокатот Цобоски вели дека против неговиот клиент Нефи Усеини, инаку актуелен советник и бизнисмен, не се водат други кривични постапки, посочувајќи дека тој има статус на неосудуван бидејќи има решение за бришење на казни. Неговата одбрана смета дека е реално да се очекува  процесот да има неколку судски рочишта.

Главниот претрес во судскиот процес против браќата Усеини е презакажан за 26 октомври.

Г.М.