Католичката црква „Свети Кирил и Методи“ од Охрид, доби на подарок еден метар висока скулптура на светителите, патрони на црквата, Кирил и Методи, дело на академскиот скулптор Томе Серафимовски. Моделот е помала копија на скулптурата која е поставена на охридскиот плоштад. Според зборовите на Серафимовски, тој до пред извесно време не знаел дека црквата се вика Свети Кирил и Методи, па кога дознал одлучил да ја подари скулптурата.

„Овој модел е едно од моите идејни решенија за споменикот што е на плоштадот. Долго време стоеше во моето атеље, а непосредно пред Велигден одлучив да ја подарам на католичката црква. Вакви се две. Едната е во холот на МАНУ, во Скопје, а оваа овде сега ќе биде во овој свет храм“ вели Серафимовски.

„Бидејќи на некој начин јас сум и католик (сопругата ми е католик) се одлучив, најпрвин да му соопштам на бискупот и егзарх Др. Киро Стојанов за мојата намера, а потоа и да ја подарам оваа скулптура изработена во бронза“ додаде тој.

Бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов не го криеше задоволството заради подарокот.

„Ова е втора скулптура која академик Серафимовски ја подарува на католичката црква во Македонија, првата е онаа на Мајка Тереза во Скопје. Многу ми се допадна неговата идеја и неговиот модерен дух кој ќе даде препознатливост на овој наш балкански Ерусалим“ рече Стојанов.


Авторот Серафимовски и бискупот скопски Др. Стојанов

Серафимоски во Охрид пристигна заедно со Антон Серечи, од комисијата за односи со верските заедници при владата на Република Македонија.

„Од аспект на вредноста на делото не би коментирал многу. Со самото тоа што е потпишано од светски автор – доволно говори. Ова е гест на еден вистински верник кој го гледа христијанството како едно заедништво“ изјави Серечи.

Освен на познатиот споменик на Кирил и Методи на плоштадот, Серафимоски го има потписот и врз новиот споменик на Свети Климент, поставен пред нецела година. Неговата идеја за „духовен триаголник“ на градскиот плоштад од некои не беше баш со одушевување дочекана.

„Јас немам, ниту сум имал намера Охрид, односно плоштадот да го правам свој изложбен павиљон. Не ја одбрав јас локацијата за споменикот на Св. Климент, туку охридските урбанисти, а бизнисменот Зелениковски финансираше. Идејата моја беше да има некаде кај рибниот ресторан и споменик на Свети Наум. Не мора јас да го правам, нека го прави некој друг. Мене изложбен салон ми е целиот свет, Париз, Лондон, Нирнберг, Белград. Немам ни сили, ни нерви да се расправам за такви работи“ резигнирано заврши Серафимовски.

С. Костоски