Светски познатиот академски уметник Јордан Манасиевски е добитник на највисокото општинско признание, наградата Св. Климент Охридски – патрон на градот за 2014 година.
Одлуката на прес конференција, што се одржа денеска во спомен куќата на Прличев, ја соопшти градоначалникот Никола Бакрачески, кој го изврши изборот заедно со комисијата номинирана од него, во состав Гордана Коњаноска, Димитар Спасески, Ангел Јанев, Виктор Топалоски, Гоце Толески, Елизабета Јанкулоска и Људмил Видически. Тие избираа помеѓу седуммина апликанти.
–Сметам дека составот за кандидатите по своите квалитети беше еден од најдобрите во однос на изминатите неколку години. Сметам дека кој и да беше избран од овие 7 апликанти за највисокото општинско признание нема да беше неправедно. Оценувањето на комплетните пријави од страна на комисијата како и минатата година беше одлучено да се врши врз основа на пет критериуми со оцени од 1 до 5 и тоа: општо значење на делото, значење на делото за градот Охрид, афирмираност на личноста или институцијата, препознатливост од широката јавност и придонес за афирмација на градот, во Македонија и пошироко. По спроведеното бодување, засебно за секој апликант од секој член од комисијата, едногласно со најголем број бодови до мене беше предложен Јордан Манасиевски. – рече градоначалникот Бакрачески.
Осврнуваји се на уметничкиот опус на Јордан Манасиевски, Бакрачески истакна дека тој е ликовен уметник со светско реноме кој преку своите уметнички дела ги афирмира охридските и македонски вредности пред Светот и е достоен да ја носи наградата Св. Климент Охридски патрон на Охрид за 2014 година.
-Овогодинешниот добитник на награда, преку своите уметнички дела и ликовни излагања во Германија, Франција, САД, Јапонија , Англија и во многу други земји успеа да го постави Охрид и Македонија на светската културна мапа со што спонтано станува наш ликовен амбасадор во странство. За охридскиот, македонски и интернационален уметник имаат пишувано многу историчари на уметност а неговите дела и животен пат на многупати се документирани на филмското платно. Неговите уметнички слики ги видела европската и светска публика.-рече Бакрачески.
За добитник на повелба, постхумно е прогласен Слободан Крлески, за неговиот придонес во афирмацијата на Охрид преку фолклорот. Одлуката ја донесе Комисијата за одбележување празници и доделување награди и признанија при советот во состав: Дејан Пановски, Оливија Пирузева Јанева, Јованка Точкова, Коста Трифуновски и Александар Калачоски.
– Слободан Крлески е еден од основачите на големите фолклорни и културно уметнички друштва во Охрид и еден од оние кои неуморно го пренесуваа фолклорот и традиционалните вредности на Охрид, афирмирајќи го со тоа нашиот град во светот. Благодарение на посветеноста на Крлески, Охрид беше застапен во голем прој магазини и списанија кои ги следеа неговите настапи пред голем број претседатели, кралици и државници.-истакна во образложението на одлуката советникот Дејан Пановски.
Во конкуренција за повелбата Св. Климент Охридски по објавениот конкурс на локалната самоуправа беа пет апликации.
Г.М.