Доколку во најкраток рок надлежните не ги информираат и не преземат активности за решавање на проблемот околу дивоизградените објекти во Трпејца, од оваа месна заедница најавуваат дека ќе ги интензивираат протестите во текот на летната туристичка сезона.

–    Сакаме да ја информираме јавноста дека и покрај ветувањето на локалната самоуправа, сеуште  не се преземени активности во насока на решавање на проблемот, а нашите барања тапкаат во место.Бараме институциите во рамки на локалната власт да ги преземат своите надлежности и го спроведат решението за рушење од  14.07.2011 година и заклучокот од 15.07.2011 за извршување на решението за дивоградбите на Ивире, велат од месната заедница.


Тие прашуваат дали законите еднакво важат за сите, со оглед на тоа дека ним, при неодамна оддржаниот протест на патниот правец Охрид- Св. Наум, им било кажано дека блокирањето на патот е спротивно на законот за сообраќај и безбедност на патиштата,  а вчера револтираните жители од Велешта го блокираа граничниот премин Ќафасан.

–    Пред оддржувањето на мирниот протест,  кога најавивме блокирање на патниот правец, од СВР ни беше кажано дека според законот не е дозволено блокирање на патиштата и  дека доколку го блокираме патот за секое физичко лице ќе следи глоба од 300 евра. Затоа ние го оддржавме протестот покрај патот. Се прашуваме дали со 300 евра ќе бидат казнети и учесниците на вчерашните протести кај Ќафасан, додаваат Трпејчани.

Револтирани, од како што велат двојниот аршин кој го применуваат надлежните,велат  дека доколку наскоро не се одговори на нивните барања постои можност и тие да го блокираат патот.

Т.К.