Денес, пред струшките бизнисмени, беа промовирани активностите и целите на проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, кој го спроведува Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и финансиски е поддржан од Европската унија.

Проектот настојува да ги вклучи ранливите групи на пазарот на труд во специјализирани програми и услуги за развој на вештини, а главната цел е да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантираниот минимален приход.

Со оваа реформа, најзагрозените категории од сиромаштија, односно тие што не се активни подолго време и се под социјална заштита, ќе се вклучат на пазарот на труд, објасни Наташа Здравковска, координатор на проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“.

Таа, пред струшките бизнисмени потврди дека граѓаните ќе добијат услуги за советување и мотивација (СИМ програма) преку психосоцијална и менторска поддршка како прва компонента на проектот.

По ова ќе следува вклучување на пазарот на труд преку обуки и вработување преку 4 активни мерки, како што се Обуки за побарувани занимања, Обука кај познат работодавач, Практикантство и Субвенционирано вработување, вели Здравковска.

Во проектот се вклучени повеќе од 1500 лица корисници на гарантирана минимална помош, од кои досега најмалку 5 проценти веќе се вработени, а самата реализација обезбедува информации за ранливите категории граѓани, како што се нивниот став, менталитет, уверувања и предрасуди, што ќе бидат основа за прилагодување на активните мерки и услугите на двете институции за да се постигнат подобри резултати на теренот.

Во реализација на проектот учествуваат Центрите за вработување и Центрите за социјална работа, кои меѓу себе комуницираат преку систем за електронска размена на податоци за подобра селекција и ефикасност на процесот, а вклучна е и бизнис заедницата на локално ниво.