Активот на директори на основни училишта од Охрид, преку отворено писмо апелира да не се организираат прослави за полуматура, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Писмото го пренесуваме во целост:

Почитувани родители, драги полуматуранти,

Крајот на оваа учебна година за вас, драги полуматуранти е најзначајниот момент од вашето основно образование и посебно значаен момент во вашиот живот. Завршува едно поглавје од вашето школување. Сите овие години го очекувавте овој 10ти јуни, сонувавте за вашата полуматурска прослава, за тоа што ќе облечете, кој ќе е вашиот партнер/ка, колку и каде ќе се забавувате. Вашите родители се радуваа заедно со вас. И тие имаа планови за одбележување на овој значаен сегмент од вашиот живот. Но, соништата останаа неисполнети, плановите нереализирани, поради Короната која безмилосно го нападна целиот свет.

Ништо повеќе не е исто, ниту полуматурата на вашата генерација не е иста како од сите други генерации. Всушност ова писмо го пишуваме до вас драги полуматуранти и вашите родители бидејќи знаеме што чувствувате во овие моменти поради неможноста да го одбележите ова достигнување и можеби кај дел од вас ќе преовладаат чувствата и ќе одлучите да ги отворите вратите за прослава, како што впрочем и е обичај овде, кај нас. Токму затоа, упатуваме огромен апел да се воздржите од приватни прослави и забави по овој повод, со причина што опасноста од ширење на смртоносниот вирус токму на вакви семејни, масовни прослави е огромна. Деновиве бевме сведоци на последиците од слични веселби. Ве молиме за крајно разумно и совесно размислување, како и почитување на препораките на здравствените институции за не групирање и не одржување на групни веселби. Можеби ова ве прави тажни, но верувајте, животот е пред вас – живот во кој ве очекуваат многу значајни и среќни моменти; живот во кој ќе имате многу успеси и причини да прославувате и да сте горди на себе си, а вашите родители горди на вас. Мора да бидете разумни, да не ве надвладеат чувствата и да не се отежнува и онака тешката состојба во сите пори од живеењето.Сите треба да сме свесни дека се наоѓаме во многу сериозна и тешка ситуација и затоа треба прво сами себе да се чуваме, а со тоа ќе ги чуваме и сите околу нас.

Драги полуматуранти, нека ви е честита полуматурата. Ви посакуваме многу среќа во животот и бројни успеси, кои вашите родители ќе ги направат горди на вас, а вас ќе ве претворат во успешни и способни млади луѓе кои храбро и достоинствено ќе чекорат во животот.

Актив на директори на основни училишта од Охрид

*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите