Членовите на акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ во основното училиште „Кочо Рацин“ ги започнаа подготовките за учество на бројните манифестации со кои ќе се означи официјалниот старт на туристичката сезона во Охрид. Тие ќе бидат дел од трката „Охрид ТрчаТ“, од ЕКО Акцијата „Мој Охрид, чист Охрид“ и од „Белата ноќ“.
Учениците од седмо и осмо одделение започнаа со изработка на ЕКО паноата, преку кои ќе испратат пораки во пресрет на големата акција за чистење на градот „Мој Охрид,чист Охрид“.

Повеќе од 30 години активно учествуваме во креирањето на поубав и почист Охрид, тоа ќе го направиме и сега, вели Зоран Стевоски од „Брег на младоста“.

– Сакаме гостите да се чувствуваат убаво за време на престојот во градот заштитен од УНЕСКО. Затоа ќе ја поддржиме оваа убава акција со сите наши 300 членови. Меѓу нив имаме ученици од сите охридски основни училишта, како и од школите во Велгошти, Пештани и Лескоец, рече Стевоски.

На најмладите им беа презентирани и детали од акцијата „Мој Охрид, чист Охрид“, која ќе се одржи на 9-ти јуни.

– Вака заедно и во уште поголем број ве очекуваме во сабота на 9-ти јуни, кога на потегот од Воска, па се до Пештани и Десарет ќе се чисти крајбрежјето на езерото од отпад. Да го исчистиме Охрид сите заедно, а она што е особено важно е токму вие најмладите да бидете носители на акцијата, истакна Сашо Митаноски во име на организаторите на ЕКО Акција „Мој Охрид, чист Охрид“.

Инаку, покрај учеството во активностите кои се предвидени за официјален старт на туристичката сезона во Охрид, акцијашите од „Брег на младоста“ ќе се вклучат уште на неколку манифестации. Делегација ќе присуствува на одбележувањето на 75 години од Битката на Сутјеска и 30 години од учеството на Младинската бригада од Охрид на таа акција, каде е освоено највисокото државно признание. Од 22-ри до 29-ти јули со младинска бригада ќе учествуваат на акцијата „Скопје 2018“ со која ќе се одбележат 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, а учество ќе земат над 300 млади акцијаши од сите поранешни југословенски републики.

OhridNews