Сексуалната злоупотреба на деца е тешко препознатлива форма на насилство. Најчесто се случува во тишина. Жртвите молчат поради страв, срам и недоверба, oсобено кога сторителот е некој близок. Но, проблемот не завршува тука. Кога случаите ќе стигнат до институциите, системот често реагира фрагментирано, без доволна координација и без пристап прилагоден на детето. Потребна е соодветна, навремена и ефективна институционална заштита на децата од сексуално насилство, односно систем и пристап кој го става детето во центарот. Ова го истакна Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител, презентирајќи ја Анализата за сексуалната злоупотреба на деца во Република Северна Македонија: Состојба, институционален одговор и предизвици, изработена со поддршка од проектот „ЕУ владеење на правото“, финансиран од Европската Унија.

Анализата, посочи дека опфаќа период од 2020 до 2025 година и претставува еден од најсеопфатните прегледи на оваа проблематика во земјата досега. Таа ги испитува меѓународните и националните правни рамки, институционалната практика, достапните податоци и главните системски предизвици, со посебен фокус на ранливите групи деца.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во периодот 2020–2024 година се евидентирани 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца. Само во 2025 година регистрирани се уште 96 деца жртви, со што вкупниот број за шестгодишниот период достигнува 604 жртви — бројка која укажува на континуирана и алармантна застапеност на овие кривични дела. Од вкупно 508 жртви евидентирани во периодот 2020–2024 – 455 се девојчиња (90%), 53 се момчиња (10%), посочува Бајрамовска-Мустафа.

Исто така, додава, Анализата содржи низа конкретни препораки, меѓу кои: доследна примена на законските гаранции за еднократно сослушување на детето, опремување на специјализирани простории прилагодени за деца низ целата држава, континуирана и задолжителна обука на сите професионалци кои работат со деца, долгорочна психосоцијална поддршка за децата жртви и нивните семејства, како и воведување на Барнахус-модел (меѓународно признат пристап кој ги обединува правните, психолошките и здравствените услуги на едно место, а судот доаѓа кај детето, а не обратно).

OhridNews