Албанците треба да го запалат македонското знаме среде Скопје изјави поранешниот премиер на Албанија Пандели Мајко во емисија на тиранската телевизија „Клан“, посветена на Македонската енциклопедија. Според Мајко, Енциклопедијата директно атакува врз статусот на Албанците во Македонија, кои живеат во нивни огништа, и на нив им е дадена силна шлаканица, најголема после 2001.

– Во една нормална земја, со луѓе кои знаат што е леб и чест, имаат господово право да го изгорат знамето, среде Скопје. Имаат господово право поради тоа што им го направи МАНУ. Претседателот и премиерот на Македонија треба службено да им се извинат на Албанците, и ви велам, ова е само почеток, Енциклопедијата не може да биде една книга каде што се прават грешки, , изјави Пандели Мајко.

Поранешниот албански премиер кој своевремено беше и министер за одбрана на Албанија го прокоментира и делот од оспорената Македонска енциклопедија каде се наведува дека американски и британски специјалци ја обучувале терористичката ОНА.

– Ако припадниците на ОНА беа обучени од Британците и Американците, како што се претендира, ве убедувам дека денес во Скопје немаше да има славомакедонци и историјата ќе имаше друга реалност, вели Мајко.

Овие екстремни и остри изјави на влијателниот член на Социјалистичката партија на Албанија дополнително ги разбуркаа страстите на Балканот. Објавувањето на Македонската енциклопедија на МАНУ со денови е предмет на силни реакции не само во земјата, туку и од соседните држави, пред се Албанија и Косово. Официјален Брисел со внимание ја следи состојбата во Македонија, а не се исклучува можноста Енциклопедијата да се најде и во извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија кој наскоро треба да биде објавен.

Ohridnews