Новиот статут на опшина Струга, кој вчера беше изгласан во градскиот совет со бадентер, откако претходно беа испеглани разликите помеѓу ДУИ и СДСМ која го поддржа текстот на правилникот за работа на локалната самоуправа, е противзаконски и противуставен, тврдат советниците на ВМРО ДПМНЕ. Тие единствено гласаа против одлуката. Во статутот сега стои дека службен јазик во општината е и јазикот што го говорат најмалку 20 проценти од населението, односно албанскиот јазик и неговото писмо, што според ВМРО ДПМНЕ претставува дискриминација во однос на останатите заедници.

-Албанскиот јазик се изедначува со македонскиот, а се дискриминираат сите други етнички заедници во Струга, односно им се оневозможува законското право доколку која било од нив во иднина биде застапена со над 20 проценти во општина Струга, да се употребува нејзиниот јазик и писмо, што е спротивно на Законот за локална самоуправа и Уставот. – изјави Ален Деребан – советник од ВМРО ДПМНЕ.

Од СДСМ ги отфрлаат ваквите наводи на ВМРО ДПМНЕ, посочувајќи дека сатутот на општината е целосно во согласност со измение во Законот за јазици од 2008 и 2011 година.

-Во став 3 од чл. 7 јасно стои дека советот има право да донесе одлука службен да биде уште еден јазик или повеќе јазици на етнички заедници кои не се повеќе од 20 проценти во општина Струга. – истакна Николина Велкоска Глигороска – советничка на СДСМ.

Партиите на албанците во советот на Струга велат дека новиот статут е потреба, бидејќи општината со години работеше без соодветен правилник. Истакнуваат дека и тие не се целосно задоволни од решението, но го поддржале, затоа што е компромис.

-Граѓаните на Струга имаат изградено добар соживот не верувам дека новиот статут ќе предизвика некакви тензии. – вели Имер Имери – советник на Алијанса за Албанците.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ најави дека ќе го оспори новиот статут на општината пред Уставниот суд и ќе покрене постапка пред надлежниот инспекторат за локална самоуправа за оценка на законитоста на донесениот акт.

Г.М.