
„Да, партијата одлучи јас да бидам единствен кандидат за градоначалник на претстојните локални избори во Охрид“, изјави за Ohridnews, Александар Петрески. Како што е познато, покрај актуелниот градоначалник во потесен избор за кандидат од редовите на опозиционата СДСМ уште беа и претседавачот на градскиот совет, Владо Чингоски, директорот на МЈП „Проаква“, Бранко Трпчески и пратеникот Томе Чингоски.
Официјално одлуката за кандидатот за градоначалник и листата на советници, СДСМ ќе ја соопшти на 23 декември за кога е закажана партиската конвенција.
Деновиве неделникот „Форум“ објави анкета за рејтингот на партиите и шансите за освојување на градоначалничките места и Советите во повеќе македонски градови, според која актуелниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески ја ужива поддршката за втор мандат на 41 насто од испитаниците, 37% од испитаниците биле неопределени, а 22% не ја дале подршката за Петрески.
-Ова за мене е признание од сограѓаните дека добро работиме, а од друга страна е најдобра потврда за тоа зошто треба да продолжам понатаму и да ги завршиме комплетно проектите кои се започнати сега ама природно бараат подолго време за реализација од она што значи еден мандат со нецели 3 години ефективна работа. Ова, на крајот на краиштата е подобро и од самата партиска номинација бидејќи мене ми ја даваат довербата за уште еден мандат граѓаните, а не само тесни партиски органи – е оценката на актуелниот градоначалник на Охрид за анкетата на неделникот „Форум“.
Ohridnews












