Дербито на Италија во финалето од Супер купот му припадна на Интер. Актуелниот шампион на Сериа А, во драматичен меч со гол во 120-та минута го совлада освојувачот на купот Јувентус 2:1 (1:1; 1:1).
Течеа последните секунди од продолжението на мечот кој во регуларниот дел заврши 1:1. Бонучи се подготвуваше да влезе во игра за изведување пенал. Тренерите Алегри и Инзаги ги подготвуваа списоците на останатите изведувачи, кога Алекс Сандро направи катастрофлна грешка во шеснаесетникот на Јувентус, Матео Дармиан го проигра Алексис Санчес кој го совлада одличниот Перин за експлозија на „Џузепе Меаца“ во Милано.

По динамичното прво полувреме во вториот дел од второто полувреме темпото падна, а двата тима повеќе внимаваа да не примат, отколку да дадат гол. Дефанзивната тактика на Јувентус речиси успеа, но кобни беа завршните секунди од мечот во кои Алекс Сандро му ја подари победата на упорниот Интер кој доминираше на теренот во текот на целиот натпревар.
За нероазурите ова е 6 трофеј во Супер Купот. Јувентус останува најтрофеен тим со 9 титули, две повеќе од Милан.
Г.М.










