Не стивнуваат реакциите по дерби натпреварот помеѓу Охрид и Алкалоид одигран вчера во салата „Билјанини извори“ кој заврши без победник 27:27. Гостинскиот тим поднесе официјална жалба до Ракометната за судењето на мечот кое според нив било крајно неконзистентно.
Станува збор за натпревар од исклучително значење во плејоф фазата, дерби кое имаше резултатска тежина, натпреварувачки набој и големо влијание врз понатамошниот тек на првенството. Токму затоа, ваквите натпревари бараат највисок степен на професионалност, концентрација, интегритет и изедначен критериум во судењето, велат од РК Алкалоид. Клубот смете дека на натпреварот со Охрид бил драстично оштетен од одлуките на судиската двојка Виктор Начевски и Даниел Божиновски кои, според РК Алкалоид, имале не воедначен критериум, различен пристап во идентични ситуации и со повеќе спорни одлуки директно влијаеле на конечниот резултат.
Дерби натпреварот во Охрид беше со сите карактеристики на дерби меч, во кој движењето на резултатот во текот на сите 60 минути беше во рамки на еден до два гола разлика. Натпреварот можеше да биде резултатски прекршен во кој било период од играта, а тоа особено се однесува на финишот. Сметаме дека РК Алкалоид е драстично оштетен со катастрофалното судење на судиската двојка Виктор Начевски и Даниел Божиновски. Судењето беше лошо во текот на целиот меч, критериумите не беа изедначени, а во неколку наврати беа донесени одлуки на штета на РК Алкалоид за кои сметаме дека директно влијаеја на конечниот исход на дербито, изјави претседателот на клубот, Горан Минов.
Тренерот на РК Алкалоид и селектор на репрезентацијата, Кирил Лазаров, во изјава за Охридњуз изрази голема загриженост за случувањата во домашното првенство и иднината на македонскиот ракомет. Тој го критикуваше концептот на водечките екипи во првенството Вардар, Еурофарм Пелистер и Охрид.
Да го задржиме македонскиот ракомет во живот, ќе биде тешко. Ова сериозно го кажувам, но не сум голем оптимист, затоа што ова што се случува во последните 2-3 месеци треба да го види Европа и затоа сме таму кај што сме и не третираат како криминалци. Добро е да имаме и 10 вакви клубови, секоја чест за Охрид, Вардар и Е. Пелистер, и да има уште 2-3, но Македонија ќе биде горда само ако има македонски производ и национален тим кој обединува. Ова што се случува да нема респект и почит за овие деца брзо ќе се разочараат и ќе нема каде да гледаме ракомет на светски и европски првенства, рече Лазаров.
Лазаров рече дека е разочаран од се што се случува во македонскиот ракомет, па дури и од односот кон него. Кон проектот на ГРК Охрид вели дека гледа позитивно, но би сакал повеќе шанса да добиваат и домашните играчи.
Кога имаме услови, кога имаме пари, тогаш сите доаѓаат во Македонија, кога немаме тогаш остануваме ние македонците, додаде Лазаров.
Г.М.














