Амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано, оствари посета на Националниот парк Галичица и островот Голем Град. За време на посетата, како што информираат од ЈУНП Галичица, амбасадорот имал можност да се запознае со исклучителните природни убавини на островот и Преспанското Езеро.

Претставниците на ЈУНП Галичица ги презентирале најзначајните природни, културни и историски вредности на овој уникатен простор, како и активностите што установата ги спроведува за нивна заштита и зачувување.

Оваа посета претставува продолжение на веќе воспоставената успешна соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија, која пред три години донираше опрема за потребите на ЈУНП Галичица и со тоа даде значаен придонес во унапредувањето на нашите капацитети. На средбата, двете страни изразија задоволство од досегашната соработка и заедничка желба таа во иднина дополнително да се продлабочува преку нови иницијативи и активности во областа на заштитата на природата и промоцијата на природното и културното наследство, посочуваат од ЈУНП Галичица.

OhridNews