Најмладиот нуркачки клуб во Охрид, „Амфибија“, деновиве ја реализираше својата втора еколошка акција, при што од водите на Охридското Езеро беше извадено потонато кајче кај плажата „Кај Дивоно“ во населбата Горица 1. Во акцијата учествуваа и членови на Здружението за спортско едрење „Акватика јахтинг“.
Од клубот информираат дека при нуркањата биле мапирани и други потонати помали пловни објекти, за кои во наредниот период ќе бидат преземени активности во соработка со надлежните институции.
„Амфибија“ најавува дека покрај развојот на нуркачкиот спорт, ќе биде активно вклучена и во еколошки акции, мапирање на жешки еколошки точки, евидентирање на загадувањето и поддршка на иницијативите за заштита на Охридското Езеро.
Нашата цел е преку конкретни активности да придонесеме за зачувување на езерскиот екосистем. Ќе работиме на мапирање на еколошките проблеми под вода и ќе бидеме партнер во сите иницијативи што се насочени кон заштита на Охридското Езеро“, велат од Нуркачкиот клуб „Амфибија“.
Акцијата е дел од низата активности што клубот ги планира во наредниот период, со акцент на подигнување на јавната свест за зачувување на едно од најзначајните природни богатства во земјата.
OhridNews













