Изградбата на автопатот Охрид – Кичево која сериозно е забавена, наскоро ќе се интензивира, изјави денеска во Охрид вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Спорно е финансирањето поради зголемувањето на трошоците, кое ќе се реши набрзо, а рокот за изградба останува 2021 рече Анѓушев.

Ги решивме техничките проблеми, ги разрешивме проблемите со договорите. Направивме заштеда од 90 милиони евра во тие договори. Сега очекуваме да се продолжи кредитирањето од Ексим банката, кое престана на 15 јануари. Финансирањето е спорно и тоа не зависи од нас туку од кинеската Ексим банка. Деновиве очекуваме информации за тоа. Доколку тие информации не стигнат брзо ќе бараме други начини и патот ќе продолжи интензивно да се гради.  – изјави Анѓушев.

Одговарајќи на новинарско прашање за недоволната реализација на капиталните инвестиции од само 13,74% во првите пет месеци, Анѓушев рече дека проблемот е детектиран. Тој истакна  дека се работи на зголемување на интензитетот на капиталните инвестиции и дека во втората половина на годината ќе има сериозно поместување во нивната реализација.

Г.М.