Во врска со снимени разговори презентирани од италијалнски медиум, а кои ги пренесуваат домашните медиуми, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, во писменото соопштение објавено на официјалната веб страна на СЈО, објаснува дека комуницирала со осомничени во случаи што ги води ова обвинителство со цел да издејствува подобри позиции во кривичните предмети. Јанева повика што побрзо да се истражи случајот „Рекет“.

Во врска со денешните снимени разговори презентирани на порталите, повторувам дека во интерес на предистрагите и истрагите кои се водат во Jавното обвинителство кое го водам, повеќе пати сум разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа често се случуваше да се одвива преку од нив назначени посредници.

Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители.

Ги повикувам истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име. – се вели во соопштението на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

OhridNews