Дополнителните рестрикции во Европската Унија поради новиот сој на корона вирусот, најавените редуцирања на чартер летовите од нискобуџетни компании ќе се одразат врз туристичкиот сектор и врз слободното патување на туристите кои сакаат да патуваат во овој период од годината. Според директорот на агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски, „Омикрон“ ќе го намали раното букирање на аранжманите за Нова Година но, очекува  Охрид да биде полн како и останатите години.

Што се однесува до авио сообраќајот, Јаневски вели дека се повеќе и повеќе се стабилизира, но кога се во прашање нискобуџетните компании честопати се случува и одредени други линии да бидат несервисирани или да бидат редуцирани, ама не очекува негативни ефекти на подолг период. Ваквата ситуација со чартер летовите според Јаневски се должи на моменталните рестрикции во Европската Унија околу новиот корона сој. Сепак, тој останува оптимист дека во последните 10 дена од годината ќе има поголем број на букирања.

Последните 10-тина дена ќе има поголем број на букирања и се надевам дека ќе има поголем број на туристи. Можеби нема како 2018 и 2019 што е факт, но сигурен сум дека ќе е подобро од 2020 година. Очекувам дека 80-90 проценти за новогодишните празници ќе бидат полни капацитетите со домашни и странски гости во Охрид за дочекот на Новата Година. 

Од друга страна, претходно хотелиерите истакнаа дека е неисплатливо да се организираат свечени дочеци со половина капацитет на салите бидејќи трошоците се големи. Во новогодишните понуди останува само ноќевање со појадок која не е многу интересна, особено за странските гости, истакна Крсте Блажевски претседател на ХОТАМ. Угостителите велат дека има откажување на туристичките аранжмани и од бугарските туристи кои изминативе години беа најбројни.

Во овој период, мене ме радува фактот дека Македонија е сигурна дестинација и во 2021 година кога е во прашање Ковид кризата. Големиот процент на туристички работници во Охрид се вакцинирани и се надевам дека ќе се најде заеднички јазик помеѓу хотелиерите, туристичкиот сектор и комисијата за заразни болести и Министерството за здравство , додаде Јаневски.

Инаку, денес во хотел „Тино“ во Охрид беше одржана средба помеѓу туроператорите од Молдавија и македонскиот туристички сектор. Молдавските туроператори покажале интерес за Охрид и Македонија како туристичка дестинација и се очекува зголемен број на туристи од источните земји во 2022 година.

К.А.