Мнозинството граѓани сметат дека политичката криза ја загрозува безбедноста на земјата, покажуваат резултатите од анкетата спроведена од страна на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, во период мај-јуни 2016, на репрезентативен примерок од 900 испитаници, пренесува „Макфакс“.

Само 10,3% од испитаниците сметаат дека политичката криза нема такво влијание врз безбедноста на земјата , додека најголемиот процент од испитаниците (83.3%) сметаат дека политичката криза ја загрозува безбедноста на земјата.

На прашањето дали сметаат дека договорот од Пржино нуди поволно решение за излез од кризата, и покрај неисполнетоста на договорот, најголемиот дел од испитаниците, 53,3% сметаат дека овој договор сѐ уште е поволно решение за излез од кризата, додека 30,3% се изјасниле дека не знаат, односно не се сигурни дали овој договор е решението за излезот од политичката криза. Само 15,2% од испитаниците сметаа дека овој договор не е решение за излез од кризата. Овие податоци говорат дека се уште постои доверба кај граѓаните во договорот од Пржино.

Поставено беше и прашањето во поглед на тоа каква, според нив, треба да биде формата на евентуалната преодна влада. Над половина од испитаниците сметаат дека тоа треба да биде влада составена од „непартиски луѓе или експертска“ (54,3%), речиси четвртина од испитаниците (23%) сметаат дека тоа треба да биде составена од четирите најголеми партии. Помал дел од испитаниците (15,4%) понудија свои решенија во поглед на владата. Меѓу понудените одговори се наоѓаа: влада добиена од спроведени избори, постоечката владина коалиција (ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ), влада составена од опозициските партии и граѓанскиот сектор, комбинација од партиски и непартиски луѓе, влада составена од сите политички партии со еднаква меѓусебна поделба.

Овие податоци говорат за намалената доверба на граѓаните во политичарите, но исто така се забележува намалена доверба во невладиниот сектор. На прашањето како ја оценуваат работата на НВО сектор (со оцена од 1 до 5), испитаниците ја дале оцената 2,97.

OhridNews
извор: „Макфакс“