Концертот што вечерва ќе го одржи националниот ансамбл „Танец“ во рамки на фестивалот „Охридско лето“, ќе биде од хуманитарен карактер.

Имено, „Танец“ се приклучува на иницијативата на локалната медиумска заедница за спас на 11 годишното момче од Охрид кое боледува од многу тешка болест (прогресивна мускулна дистрофија). Нему му е потребна итна операција на клиника во Пекинг, која чини 35 000 евра. Семејството не е во состојба да ги плати трошоците за операција и лекување. Сите посетители љубители на македонските народни игри и песни ќе можат да се вклучат во оваа акција со купување на ЦД – донација на Танец, кое ќе можат да го набават на влезот на Античкиот театар каде вечерва со почеток во 21 часот ќе се одржи концертот на националниот ансамбл. Исто така хуманите граѓани можат да донираат средства со вртење на телефоните: ОНЕ – 075 143 113 ВИП – 077 143 155 и Т-мобиле 070 143 105. Со секое јавување се донира по 100 денари + ДДВ. 

Уплата може да се изврши и на следната жиро сметка: 530500017615254 Охридска Банка.

Веќе шест децении ансамблот за народни игри и песни „Танец“ е симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура. Оваа институција претставува културен амбасадор кој несебично ја презентира и споделува богатата македонска традиција во земјата и во светот. 

Танец официјално е формиран во мај 1949 година, со цел да се создаде една институција која го одржува, негува, чува и збогатува македонскиот фолклор. Првото претставување на ансамблот надвор од границите на Македонија (тогашна Југославија), се случило во 1950 година во Англија, поточно, на „Интернационалниот фестивал“ во Велс. Со изведбата на „Тешкото“, членовите на „Танец“ го освојуваат жирито и стануваат првиот ансамбл во историјата кој ги добива сите можни поени и највисоката награда. 

Ансамблот има добиено бројни награди и признанија („11 Октомври“, „Климент Охридски“, „13 Ноември“, Орден на заслуги доделен од Претседателот на Република Македонија). Досега „Танец“ има одржано над 5500 концерти низ целиот свет. Неговиот репертоар го сочинуваат игри и песни како што се: „Невестинско”, „Тешкото”, „Комитско”, „Чифте Чамче”, „Осоговка” и многу други бисери на македонското народно творештво. 

OhridNews