Италијанскиот возач Кими Антонели триумфираше на трката за Големата награда на Кина во шампионатот на Формула 1, остварувајќи ја својата прва победа во кариерата. Возачот на Мерцедес стартуваше од пол-позицијата и ја задржа предноста до крајот, пред тимскиот колега Џорџ Расел, со што Мерцедес оствари двојна победа.

На подиум, прв по доаѓањето во Ферари, се радуваше Луис Хамилтон, веднаш зад него финишираше тимскиот колега Шарл Леклер.

Антонели со 19 години стана еден од најмладите победници во историјата на Формула 1 и прв Италијанец што победил на трка од шампионатот по речиси две децении.

По трката за Големата награда на Кина, втора во новиот шампионат на Формула 1, возачите на Мерцедес се наоѓаат на врвот во генералниот пласман. Британецот Џорџ Расел го задржа водството со 51 бод, пред тимскиот колега Кими Антонели кој има 47 бода по победата во Шангај.

Четирикратниот шампион Макс Верстапен имаше тежок викенд и не ја заврши трката поради технички проблем со болидот на Ред Бул Рејсинг, па остана без бодови и е далеку од водечките во  шампионатот.

Проблеми имаа и за возачите на Мекларен. Ландо Норис и Оскар Пијастри не стартуваа на трката поради технички проблеми откриени непосредно пред почетокот.

Следната трка во шампионатот е за Големата награда на Јапонија, која ќе се вози на патеката Сузука од 27 до 29 март.

OhridNews