Кими Антонели со Мерцедес триумфираше на денешната трка за Големата награда на Шпанија, која за првпат се возеше на новата патека „Мадринг“ во Мадрид. За 20-годишниот Италијанец ова е осма победа сезонава, со која дополнително се зацврсти на врвот во генералниот пласман.
Антонели низ целта мина пред Макс Верстапен од Ред Бул, додека третото место го освои Ландо Норис од Мекларен, кој стартуваше од пол-позицијата. Четврти заврши Шарл Леклер, а петти Џорџ Расел.
Клучен момент во трката беше периодот под виртуелно безбедносно возило, кој Антонели и Мерцедес го искористија за навремена промена на пневматиците. Норис немаше таква можност, а дополнително загуби време со бавниот пит-стоп. Луис Хамилтон ја заврши трката уште во седмиот круг поради проблеми со сопирачките.
По 14 трки Антонели е убедливо прв во генералниот пласман со 292 бода, пред тимскиот колега Расел со 211 и Хамилтон со 191. Следуваат Норис со 186, Леклер со 167 и Верстапен со 145 бода.
Во поредокот кај конструкторите води Мерцедес со 503 бода, пред Ферари со 358 и Мекларен со 306.
Следна станица во шампионатот е Големата награда на Азербејџан, на уличната патека во Баку. Тркачкиот викенд ќе се одржи од 24 до 26 септември, а трката, по исклучок, ќе се вози во сабота, 26 септември.
OhridNews












