Нападот на ВМРО-ДПМНЕ е акт на насилство и вандализам. Но и напад на сите оние кои ги штитат Македонските националните интереси, рече на синоќешната прес конференција генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев, пред централниот штаб на партијата каде по вечерашниот протест против промена на името, беше фрлено со црвена боја.

  • Индициите за ова говорат дека одговорноста за ваквиот напад се структури блиски до власта – по  принцип на шарената револуција. На што го  темелиме ваквото убедување? Веќе подолг период ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека власта предводена од Зоран Заев готви насилно сценарио спроведувано од свои инсталации и полициски структури чија цел е да го втурне ВМРО-ДПМНЕ во насилство како би можело полесно да се делегитимира нашата борба против капитулацијата на Зоран Заев со договорот за  името, рече Јанушев.

Според него, власта преку овие и слични провидни провокации посакува нов 27 -ми април, каде Зоран Заев би се прикажал за жртва, а ВМРО-ДПМНЕ би била оцрнета.

  • Првиот таков неуспешен пример беа насилните протести пред собрание, каде за жал колатерална штета беа недолжни граѓани,  жени и деца. Тоа е целта и на вечерашниот напад, за кој многу веројатно дека ќе  сака да се прикаже како наводно незадоволство на незадоволници од ВМРО-ДПМНЕ, а впрочем вистинската одговорност лежи во оние кои ја имаат власта. ВМРО-ДПМНЕ има прецизни информации за оперативци од полициските  структури кои финансираат и подбуцнуваат насилство кое треба да се насочи кон ВМРО-ДПМНЕ. Во ова се вклучени и лица од раководството на СДСМ. Впрочем на сето ова претходела и една средба во еден од скопските кафулиња каде лица од СДСМ биле во друштво со лица со дебело полициско досие, при што биле стимулирани да предизвикаат насилство, беше кажано на прес конференцијата.

Јанушев го повика членството да се воздржи од било какви провокации од страна на власта, а воедно кажа дека се очекува соодветна реакција од надлежните органи.

  • Како партија која го има најголемото членство во иднина ќе бидеме приморани да се самоорганизираме со цел да обезбедиме минимум безбедност. И тоа е наше право, рече Јанушев.

OhridNews