Утре, 02 јули, со почеток во 19:00 часот, во манастирот посветен на Свети Наум Охридски ќе биде отслужена празнична Вечерна богослужба, со која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, информираат од Дебарско-кичевската епархија.

Празнувањето на овој голем светител, велат, ќе продолжи и наредниот ден, на 03.07.2026 година (петок), кога со почеток во 08:45 часот ќе биде отслужена света архиерејска Литургија, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, во сослужение со Нивните Високопреосвештенства, Митрополитите: Европски г. Пимен и Брегалнички г. Иларион.

Со голема и искрена духовна радост ги покануваме сите благочестиви верници да се придружат на празничните богослужби и, како и досега, во молитвено единство да го прославиме Свети Наум Охридски, нашиот небесен закрилник, просветител и чудотворец, испросувајќи преку неговите свети молитви Божји благослов, мир и спасение за сите нас, додаваат во соопштението од Дебарско-кичевската епархија.

По повод празникот бродови „Александрија“ и „Галеб“ утре ќе пловат до манастирот по промотивна цена од само 300 денари за повратен билет. Поаѓањето е од градското пристаниште во 19:00 часот. Продажбата на билети е од денес на пристаништето, по принципот „прв дојден, прв услужен“ (нема резервации, туку исклучиво лично купување на лице место).

OhridNews