Со цел да се отвори поле за дијалог помеѓу архитектите, институциите, локалната заедница и пошироката јавност во однос на интеграцијата на заштитеното културно наследство во современиот начин на живот, Архрид колектив го најавува архитектонскиот настан „Антички театар: адаптивен континуитет“.

Настанот ќе се одржи на 13 јуни со почеток во 19 часот на Антички театар. Предвидени се обраќања на проф. д-р Елизабета Касапова од Архитектонскиот факултет во Скопје, проф. д-р Емил Јуркан од Хрватска и проф. д-р Ларс Вестхоф од Германија.

Античкиот театар во Охрид е еден од најрепрезентативните културно-историски симболи на градот чија вредност е несомнено препозната и прифатена од општата јавност. По неговата целосна интеграција во современиот начин на живот преку реставрацијата и адаптацијата за користење како отворена летна сцена станува и една од главните туристички атракции во Охрид. Ретроспективното согледување на процесот на откривање на театарот, кој вклучува низа на археолошки истражувања (од 1960 до 2005 година), сведочи за комплексноста на археолошкиот локалитет кој поминал низ процес на реставрација, по што е презентиран пред пошироката јавност, отворен за посетители и ставен во функција на современите потреби, велат од Архрид колектив.

Во време кога градовите, посочуваат, се соочуваат со забрзани трансформации, прашањето не е само како да се зачува наследството, туку како тоа да стане активен и интегрален дел од секојдневието.

За таа цел, Архрид колектив со задоволство ги презентира крајните резултати од еден исклучително специфичен истражувачки и проектантски процес кој започнува како студентска љубопитност, а прераснува во меѓународен дијалог за третирање на заштитеното културното наследство. Наместо како изолиран проект, овој труд треба да се согледа како повеќегодишна еволуција на една идеја — од нејзиното академско дефинирање, преку меѓународна верификација, до денешната општествена и професионална контекстуализација.

Инспириран од длабинските истражувања и резултатите на два првични магистерски проекти, овој настан, додаваат, ги обединува изложбата на конкурсните трудови, стручните предавања и публикацијата во една кохерентна целина.

Преку документирање на овој развоен пат, целта на колективот е да отвори поле за дијалог помеѓу архитектите, институциите, локалната заедница и пошироката јавност бидејќи, прашањето за интеграцијата на културното наследство во современиот начин на живот бара интердисциплинарен пристап, чувствителност кон контекстот и подготвеност за нови, понекогаш и неконвенционални решенија, истакнуваат од Архрид колектив.

Публикацијата „Антички театар: адаптивен континуитет“ ќе може да се набави на денот на настанот.

Настанот го организира Архрид колектив со финансиска поддршка од Општина Охрид и Комора на овластени архитекти и овластени инженери на РМ, во партнерство со TerraViva. Помагатели на настанот се НУ Завод и Музеј – Охрид, White Lake, SHILLA, MESH.

OhridNews