Општина Охрид го распиша традиционалниот конкурс за избор на најдобар расказ, кој се организира во рамки на културната манифестација „Вечер на Живко Чинго“, посветена на еден од најзначајните македонски раскажувачи и книжевници.
Според објавениот конкурс, право на учество има секој полнолетен граѓанин на Република Македонија. Трудовите треба да бидат доставени во печатена форма, во три примероци и под шифра, без лични податоци за авторот.
Расказите треба да се испратат на адреса: Општина Охрид, ул. „Димитар Влахов“ бр. 57, со назнака „За конкурсот за расказ“. Авторското право се докажува со четвртиот примерок од трудот. Крајниот рок за доставување на расказите е 6 јули 2026 година, а резултатите од конкурсот жири-комисијата ќе ги објави најдоцна до 31 јули во дневниот печат, информира Општина Охрид.
За најдобриот расказ е предвидена единствена награда во износ од 30.000 денари. Признанието традиционално ќе биде врачено на културната манифестација „Вечер на Живко Чинго“, која секоја година се одржува во неговото родно Велгошти.
„Вечер на Живко Чинго“ претставува една од најзначајните културни манифестации во Охрид и пошироко, посветена на животот и делото на авторот на антологиските книги „Пасквелија“ и „Големата вода“, чие творештво остави длабока трага во современата македонска литература.
Од Општина Охрид потсетуваат дека доставените трудови по завршувањето на конкурсот не се враќаат.
OhridNews











