Осмото издание на интернационалниот фестивал на комедијата “Summer Comedy Marathon” ќе започне на 21 јули со настап на еден од најбараните светски стенд-ап комичари – австралиецот Amos Gill, кој пред охридската публика ќе го изведе своето наградувано шоу „The Pale, Stale, Straight White Male“.

Настапот ќе се одржи во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21:00 часот, а ќе го означи официјалното отворање на фестивалот што и ова лето ќе донесе врвна комедија во Охрид.

Свежо по спектакуларните настапи како специјален гостин на Jim Jefferies за време на неговата европска турнеја, Amos Gill пристигнува во Македонија со шоу кое критиката го опишува како бескомпромисно, интелигентно и исклучително духовито. Неговиот препознатлив стил е комбинација од остар сарказам, брзи досетки и хумор без цензура, со кој ги преиспитува општествените стереотипи и секојдневните апсурди.

Gill е еден од најпознатите австралиски комичари на денешницата. Кариерата ја започнал како радио водител, а потоа се етаблирал на светската стенд-ап сцена настапувајќи на престижни локации како Sydney Opera House и Madison Square Garden, како и на бројни меѓународни турнеи низ Австралија, Велика Британија и САД. Денес е и ко-водител на популарниот подкаст At This Moment.

Критичарите за него велат: „Не се плаши да навреди, иако тоа не му е целта. Ако некогаш сте сакале да видите што може еден стоик да направи со стенд-ап комедија – Amos Gill е вистинскиот човек.“

Со настапот на Amos Gill започнува уште едно издание на Summer Comedy Marathon, фестивал кој и ова лето ќе донесе врвни домашни и светски имиња, претворајќи го Охрид во регионален центар на стенд-ап комедијата.

OhridNews