Австриските донатори бараат повисоки стандарди за чување на донираната опрема и противпожарни возила на доброволните противпожарни друштва во Охрид и Дебрца, како и нивно соодветно користење. Во оваа насока на последницата седница на Советот на Општина Охрид беше отворено и прашањето за соработката со донаторите односно дали истата е ставена во мирување.
Советничката на Левица, Виолета Аврамоска посочи дека во јавноста се појавиле информации дека дел од донациите би можеле да бидат стопирани и праша дали Општина Охрид има добиено официјални забелешки или известувања од донаторите во врска со користењето, сместувањето и одржувањето на донираната опрема и возила.
Доколку има, кои мерки се преземени за надминување на евентуалните забелешки и каква е моменталната состојба на соработка со донаторите? Колку противпожарни возила се добиени како донација од Австрија и каде се сместени?, праша Аврамоска.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески посочи дека нема информација дека има било каков проблем во врска со донираната опрема од Австрија прво на Општина Охрид, па потоа на доброволното противпожарно друштво.
Колку што имам информација од соработката којашто постои помеѓу нас и Австрија, мислам ќе има и дополнителна некоја донација. Меѓутоа, за вакво нешто немам информација дека воопшто имало некакви проблеми. Баш ние и како Совет донесовме одлука за простор каде прикладно ќе биде чувано возилото. Тоа беше еден од условите за возилото да биде дадено, така да мислам дека нема никакви проблеми, додаде Китески.
Нашата соработка со покраината Тирол, Р. Австрија започна пред повеќе од една година, благодарение на нашето макотрпно залагање за помош на нашата Општина и истата помага за развој на волонтерските здруженија со помош на возила, опрема и обуки, вели командирот ТППЕ – Охрид, Борко Јанкулоски.
Кординаторот на проектот Петер Логар ја започна сооработката со волонтерското здружение Ентузијаст Охрид при што волонтерите добија 2 ПП возила, опрема и соодветни обуки согласно Плановите за ПП заштита кои ние како единица ги имавме изработено и презентирано пред нив, за Општина Охрид и Општина Дебрца, бидејќи и Дебрца е под наша надлежност. Двете возила исклучиво ги користи волонтерското здружение Ентузијаст – Охрид и се соодветно гаражирани во нивниот објект во Касарна Охрид и се користат од страна на волонтерите доколку ние имаме потреба за дополнителна помош во случај на непогода, посочува.
Согласно планот, вели, кој го изработиле на негова иницијатива ја предложиле и Општина Дебрца за развој на волонтерско здружение и како место кое е доста одалечено од охридската единица.
При тоа и таму е донирано едно ПП возило за кое моментално колку што имам инфо се изработува гаража, бидејќи возилата мора да бидат гаражирани и користени само за противпожарна намена. Согледувајќи ја нашата посветеност координторот на проектот направи исклучок, бидејќи помагаат само на волонтерски здруженија, и ни помогна со донација на 1 ПП камион и едно патничко комбе кои се во нашиот ПП дом соодветно гаражирани, вели Јанкулоски.
Воедно, посочува дека не е запознаен дали Општина Охрид има добиено официјален допис во однос на возилата, додавајќи дека во неформална комуникација е известен дека стандардите на просторното сместување на волонтерските здруженија мора да се на повисоко ниво и има неформална информација дека сооработката моментално е во мирување.

Австриските претставници беа добро информирани, знаејќи го планот за тоа како ќе се извршуваат работите за изградба на гаражата, што им беше ветено од претходниот градоначалник, а не беше исполнето. Сегашниот градоначалник ја презеде одговорноста да ги обезбеди сите услови за гаражата, која е веќе готова, и да обезбеди и пушти во употреба 3 простории каде што опремата е заштитена. Соработката со донаторите е одлична, сме во постојан контакт и сме задоволни од спроведувањето на обврските, додава Блажески.
Н.С.Ј.












