Изминатиов викенд во Охрид беше промовирана првата целосна колор монографија посветена на манастирскиот комплекс  „Св. преп. мач. Параскева-Петка“ во селото Велгошти. Несомнено дека ова дело на младиот автор и истражувач, Владимир Шокаровски – Шокар, кое по својата содржина претставува пополнување на една голема празнина во историјата на македонските манастири, во идниот период ќе го привлече вниманието на пошироката јавност.

Младиот охридски истражувач, користејќи различни историски извори и податоци од теренските истражувања, се обидува темелно да ги дешифрира и да ни ги открие „тајните“ на велгошкиот манастир, кои за многумина се уште се непознати. Почнувајќи од хронолошкиот историјат, возобнувањето, преданијата, житијата и ново-откриените натписи,  па се до континуираниот опстанок на комплексот низ различните временски епохи и низ виорот на војните.

Во монографијата не се поаѓа само од историско-културолошки апсект, туку од еден сплет на историското и духовното. Таков имаме и во нашата земја, бидејќи, додека не сме имале свое самовладеење, манастирите и црквите биле тие кои ни помогнале да опстоиме до денес. Овој сплет е неоддминлив и во книгата, така да се потрудивме на еден интересен начин да ги прикажеме фактите во еден збир. Монографијата не е само мое дело, туку и на многу истражувачи, кои се потрудија сето она што го пронајдовме, да го составиме и сместиме во оваа книга “  – вели младиот охридски истражувач, Владимир Шокаровски – Шокар.

Петте дела на монографијата кријат малку познати податоци

Во 2010 година, Шокаровски започнува со истражување, односно прибирање податоци и факти кои ќе бидат неизоставен дел од монографијата.

Мoнографијата содржи околу 96 страни. Се работи за еден „нестандарден“ алманах составен од пет дела. Во првиот се говори општо за манастирот, додека вториот е неговиот историјат и хронолошки приказ. Следува делот за лековитата вода на Св. преп. мач. Параскева-Петка и чудните исцелувања. Во четвриот дел се поместени неколку позначајни преданија, додека во петиот се наоаѓаат житија на трите најпознати светици со исто име, Параскева или Петка, што од грчки јазик во превод значи Петок.“ – потенцира Шокаровски.

Манастирот за прв пат се споменува во 1586 година

Досега не се пронајдени податоци или летосни книги кои би потврдиле кога е подигнат и кој е ктитор на манастирот „Св. Петка“ во селото Велгошти. Како што објаснува Шокаровски, за прв пат, истиот се споменува во работата на охирдскиот архиепископ Гаврил, при неговото патување во царска Русија.

Бидејќи даноците под турско ропство биле зголемени, а манастирот морал да плаќа определен данок, при своето патување во царска Русија, архиепископот Гаврил со посебна грамота побарал помош од рускиот цар Фјодор први Иванович. Со оглед на тоа што кнезот бил побожен, тој донирал за манастирот и постанува нов ктитор, односно помошник на православниот народ тука. Тоа е првото споменување на манаститот кон крајот на 16-тиот век, поточно во 1586 година.“ – објаснува Шокаровски.

Новооткриен натпис во најстарата зачувана книга во манастирот

Она што го поврзува манастирот „Св. Петка“ со далечната Русија е најстарата зачувана книга која датира од 1750 година. Како што вели Шокаровски, според новооткриениот натпис, на секоја нумерирана страна во книгата има по еден збор, а кога сите заедно ќе се спојат градат една мисловна целина.

Тоа е мисловна целина која ни кажува од каде, од кого и кога е дадена оваа книга. Донесена од Тројсосергеевата лавра во Русија. Интересно е што книгата има опстоено и после укинувањето на Охридската архиепископија и спроведувањето на јурисдикцијата на Цариградската патријаршија. Исто така, на маргините на страните се запишани важни настани кои се случиле во тоа време. Во таа насока, постои запис за настан кој се случил во 1767 година. Тоа не е случајно, бидејќи како што сведочи историјата, во таа година е канонското укинување на Охридската архиепископија.“ – потенцира Шокаровски.

Стилизирана претстава на манастирот вметната во чудотворната икона на „Св. Петка“

Меѓу поинтересните податоци кои можат да се најдат во монографијата се првата стилизирана и првата релистична претстава на манастирот, односно првата направена фотографија. Исто така, во делото на Шокаровски поместени се и информации за познати сликари и патеписци, кои во своите дела на автентичен начин го опишале манастирскиот комплекс.

Во дворот на црквата има манастирска чешма на која е врежана годината 1769. Бранислав Нушиќ, кој го посетил манастирот во 1882 година, во својата книга го споменува натписот над чешмата, кој за жал денеска е оштетен. Интересен податок е и дека во долниот десен агол на  чудотворната икона на „Св. Петка“, може да се види како изгледала најстарата манастирска црква. Понатака, во 1848 ја имаме првата релистична претстава направена од познатиот патеписец и сликар, Едвард Лир. Тој поминувајќи низ стариот пат од Ресен до Охрид, со еден интересен акварел го овековечил манастирот и неговата околина.“ – додава Шокаревски.

Во 1901 формирана првата чета на Христо Узунов

Исто така, манастирскиот комплекс е сведок и на формирањето на првата вооружена чета во Охрид и охридскиот регион, во далечната 1901 година.

Овој манастир зазема интересно место и во македонската историја. Христо Узунов и тогашниот игумен Атанас Темјанин,на 6-ти јули 1901 година во дворот на „Св. Петка“ ја формираат првата вооружена чета во овој регион. Во подоцнежниот период се поставени спомен обележја во чест на тој настан, значаен за нашата историја.“ – вели младиот истражувач.

Соработка со познати домашни експерти

Младиот охридски истражувач истакнува дека во подготовката на монографијата, односно во истражувањето на фактите, му помогнале неколкумина експерти од различни научни области.

Искрено од соработниците, би го издвоил рецезентот, протореј отец д-р Стефан Санџакоски, промоторот Горан Митрески, лекторот проф. д-р Благица Хаџи Јовановска и многупочитуваниот историчар на уметност Гоце Ангеличин Жура, со кого ми беше особена чест да се запознам и работам. Тука е фотографот Даниел Колевски, проф. Александар Трајаноски и проф. д-р Виолета Ачкоска. Би се заблагодарил на шефот на архивот на МАНУ, свештената Бигорска обител и нејзиниот настојател, архимандритот Партениј со братството, како и Црковниот одбор при Велгошката парохија, која воедно е покровител на ова издание.“ – истакнува Шокаровски.

Следуваат записи за манастирот „Св. Илија“ и за селото Велгошти

Плановите на младиот Шокаровски се тесно поврзани со истражувањето. Иако високото образование му е во делот на електротехникатa и информацискитe технологии, сепак, како што вели, во идниот период ќе работи на објавување монографија за манастирот „Св. Илија“, односно на нов труд поврзан со општата историја на селото Велгошти.

Истражувачката работа нема крај. Ова е само еден почеток и се надевам дека во иднина книгата ќе доживее повеќе изданија, а со секое ново, ќе објавиме повеќе нови податоци. Како истражувач, во подготовка имам уште два други ракописи, едниот за манастирот „Св. Илија“, а другиот за општата историја на селото Велгошти. “ – завршува Шокаровски.

О.Т.