Нуркачите од Клубот за подводни дејности „Охрид“, денес, ја реализираа традиционалната акција за чистење на дното на езерото од цврст отпад. Со акцијата е опфатен потегот од градското пристаниште до Канео, а вклучени се 15 најискусни нуркачи од клубот.

– Извршена е детекција и знаеме на кои места има повеќе отпад кој го вадиме и потоа во соработка со службите од јавното претпријатие „Охридски комуналец“ се носи во депонија, информира Милутин Секулоски од клубот „Охрид“.

Акцијата се реализира повеќе од 20 години. Основната цел е да се подигне еколошката свест на охриѓани, кои се посочуваат како највиновни за цврстиот отпад на дното на езерото.

– Иако минимален сепак има ефект од акцијата. Се помалку наоѓаме цврст отпад на дното на езерото. Успеавме во овие 20 години, колку толку на луѓето да им врежиме како на грамофонска плоча, дека не терба да фрлаат отпад. Езерото го загадуваат исклучиво охриѓани. Сигурно нема тоа да го направи турист или некој од Скопје да дојде и да фрли машина за перење. Нашето мото е „Без вода, нема живот“. Нас од природата ни е  дадено најголемо богатство, езеро со толку чиста вода кое треба да го чуваме, додава Горан Балевски од клуб „Охрид“.

Акцијата во која беа извадени голем број пластични шишиња, столици и маси, автомобилски гуми, се реализира со поддршка на локалната самоуправа која веќе  започна низа активности за организирано чистење на градот.

– Упатувам благодарност до клубот „Охрид“. Поддршката од наша страна ќе продолжи и во иднина, бидејќи ова е еден и единствен начин да се собере цврстиот отпад од дното на езерото, изјави градоначалникот Јован Стојаноски.

Градоначалникот најави и проект со кој е предвидено да се спречи загадување на езерото од реките кои се влеваат во него. Информира и за дополнителни активности за почист град со цел пречек на гостите во најдобро светло.

OhridNews