Нашата генерација има одговорност да се соочи со денешните предизвици и да придонесе кон натамошно наградување на Охрид, истакна градоначалникот Никола Бакрачески во говорот на свечената академија што се одржа вечерва по повод одбележувањето на празникот Св. Климент Охридски – патрон на градот.

-Секоја генерација има своја одговорност во градењето на иднината и развој на нацијата. Нашата одговорноста е соочување со денешните предизвици и изнаоѓање на вистинските решенија за натамошното опстојување. Времињата никогаш не се лесни и секогаш има моменти на преиспитување на сопствената улога и место во движењето кон прогресот. Охрид заслужува просперитетна иднина. Натоварен со славата и честа на нашите претходници, со светоста и смиреноста во ѕидањето на духовната и културната кула на знаење и мудрост, ние сегашните генерации имаме исклучителна одговорност да го надградиме тој однос кон нашиот град. Потребно е целосно посветено и преку вклучување на целиот интелектуален, економски, духовен, културен, политички и општетствен потенцијал, да придонесеме во натамошното надградување на овој вечен град. Тоа е нашата должност кон генерациите кои ќе доаѓаат и после нашето заминување од овоземскиот свет, но тоа е и огромна обврска кон оние свети личности и нивните дела со кои тие трајно го обележаа Охрид како брилијантно парче во мозаикот на европските цивилизациски вредности. – рече Бакрачески.

Тој подвлече дека во долговековната историја на Охрид еден цел ред на значајни личности и настани го одредуваа неговото патување низ историските времиња, оставајќи свој белег врз иднината на овој вечен град. Божественото дело на Свети Климент Охридски е оној препознатлив и безвременски знак, кој ги исцрта историските контури на духовно и културно воздигнување на нашиот македонски народ, истакна Бакрачески.

-Повеќе од 11 века Светиклиментовото слово силно зрачи низ времето, давајќи светлост во мрачните времиња и осветлувајќи го патот за опстојување низ историските премрежија. Свети Климент за Охрид, за Република Македонија и за Македонската Православна Црква, не е само христијански светител и чудотворец, туку тој е нашата нитка со која ние се поврзуваме со Бога.– додаде градоначалникот на Охрид.

Навраќајќи се на минатото Бакрачески потсети дека Македонија и Охрид, пред 11 века, не била некоја европска провинција, туку значаен образовен, културен и духовен центар, во кој се ширела писменоста и цивилизациските вредности. 

Ние охриѓаните веруваме дека свети Климентовиот дух, сеуште лебди над градот, деноноќно бдеејќи и чувајќи го од зло време. Токму затоа, во охридските домови никогаш не згаснува кандилото пред ликот на Светецот. Нам ни останува само да бидеме вечни чувари на споменот и делото на безвремениот светител и учител, Светиот Климент Охридски- Заштитникот на нашиот град. – истакна во говорот градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

OhridNews

Фото галерија: Доделени наградата и повелбите Свети Климент Охридски – патрон на Охрид

Охриѓани се поклонуваат пред моштите на заштитникот – Св. Климент е ехо на вечноста на Охрид