Владите од регионот, ОБСЕ, Јапан Тобако Интернешнл и Микрософт се здружија против нелегалната трговија на Балканот.

Соработката меѓу владите, регулаторите, спроведувачите на законот и индустријата е клучна за ефективна борба против нелегалната трговија во Западен Балкан, е  заклучокот на конференцијата за организиран криминал на тема: ” Нелегална трговија со цигари и пиратство на интернет софтвери”, што се одржа во Охрид.

Учесниците на конференцијата – повисоки полициски службеници, царински агенти, даночни власти, обвинители и судии од Србија, Црна Гора, Албанија и Република Македонија, како и експерти од ЈТИ (Јапан Тобаццо Интернатионал), Микрософт и ОБСЕ – се состанаа со цел подобрување на соработката во справувањето со нелегалната трговија со цигари и пиратерството на софтвер и да дискутираат околу новите начини за борба против шверцот.

– Еден од клучните причинители на проблемот е нехармонизираната регионална фискална политика, која генерира значајни разлики во цени. Постепено и регионално хармонизирано зголемување на акцизите во земјите од Западен Балкан е предуслов за превенција од нелегалната трговија со цигари. Ова може да се изврши со усвојување на акцизни календари со времетраење од три до пет години. Спремни сме да помогнеме на секоја држава од регионот во развојот на такви календари- потенцираше Горан Пекез, Директор за корпоративни работи и комуникации при ЈТИ Адриатика.
 Тој додаде дека ЈТИ зазема став на нулта толеранција кон сите форми на нелегална трговија со тутунски производи.
Присутните на конференцијата се согласија дека проблемот со шверцот треба да се адресира преку конструктивни партнерства со владите. – Ги поддржуваме владите, регулаторите и спроведувачите на законот со споделување на информација и развој на посебни програми. Ова е важно не само како помош при зголемување на даночните приходи на Владите, туку исто така и за намалување на изворите на приход на организираниот криминал, истакнаа учесниците.

Според Вјачеслав Воробиев, шеф на полицискиот сектор во ОБСЕ, од големо значење е спроведувачиите на законите да излезат со координирани мерки и активности за справување со овој феномен не само во рамките на државите туку и на едно преку-гранично, регионално ниво.

Според Евробарометарот од 2011 обемот на нелегалната трговија со тутун се проценува на 360 милијарди цигари годишно, (исклучувајќи ја Кина), или 10 % од глобалниот пазар.Годишно поради шверц и фалсификување цигари, владите губат меѓу 40 и 50 милијарди американски долари.

OhridNews