Македонските ракометари, спортисти и навивачи ја посакуваа Грција за противник во бараж натпреварот за Светското првенство во Катар. Тоа и се оствари ждребката беше наклонета на нашата страна и не одведе на мегдан со нашиот сосед од југот.

По извлекувањето на двојките дуелот молскавично предизвика позитивни реакции на социјалните мрежи, интернет порталите, телевизиите и сите други медиуми. А тивко се шушка дека мечот најдобро е да се одигра на фудбалскито стадион Филип Втори.

– Тоа би било прекрасно чуство за секој репрезентативец. Очекував дека за двомечот со Грција ќе има голем интерес и тоа е добра идеја – рече репрезентативецот Гоце Георгиевски.

Со десното крило на Металург се сложува и неговиот соиграќч Наумче Мојсоски, кој поради повреда го пропушти Европското првенство во Данска.

– Самите да биравме противник за баражот, подобар не ќе можевме да избереме. Мислам дека Грција ни е идеален противник и не би требало да имаме поголем проблем да се пласираме на СП. Идеално е што играме прво на гости, па потоа дома. Сите во репрезентацијата го посакувавме овој противник и желбите ни се исполнија. Kога и да игра нашата репрезентација, таа добива стоотстотна поддршка од навивачите, а, земајќи ја предвид ситуацијата помеѓу Македонија и Грција, во случајов мислам дека ќе добиеме барем двојно поголема поддршка од вообичаеното. Мислам дека дури и да играме на стадионот „Филип Втори“, трибините ќе бидат преполни и ќе се бара билет повеќе – за „Дневник“ изјави Мојсоски.

Натпреварите со Грција македонската ракометна репрезентација би требало да ги одигра во јуни по завршување на сезоната.

Мх.П.