Младата пејачка Барбара Поповиќ, која има охридско потекло, одушеви со изведбата на песната „Зајди, зајди, јасно сонце“ на српското музичко „IDJ Show“.

Нејзината изведба не ги остави рамнодушни како публиката, така и жирито и следбениците на социјалните мрежи.

„Моја Македонијо“ – напиша Барбара под својата објава од настапот на шоуто.

Барбара Поповиќ со извонредна изведба на „Зајди, зајди, јасно сонце“

Барбара е дипломиран оперски пејач, а има завршено и основно и средно музичко училиште каде напоредно со клавирот изучувала и соло пеење. Добитник е на многу награди од натпревари како во земјава, така и надвор од неа.

Музичка кариера ја започнува на 6 години и учествува на реномираниот детски фестивал Супер Ѕвезда со песната „Бонџорно“ напишана од Калиопи и на истиот продолжила да настапува до 10 годишна возраст, со песни напишани од Јован Јованов, Дарко Димитров и Драган Мијалковски.

На 30 ноември 2013 година Барабара ја претстави Македонија на Детскиот избор за песна на Евровизија во Киев со песната „Охрид и музика“. По кратка пауза, се враќа на сцената на Макфест 2018, настапувајќи со песната „Не си ти крив”.

На стадионот во Скопје пред натпреварот во фудбал помеѓу Македонија и Италија, Барбара ги испеа и двете химни на Македонија и Италија.

Следната голема сцена за Барбара ќе биде Сан Ремо.

OhridNews