Составот на Барселона е нов лидер на табелата во шпанската Ла лига. Каталонците од врвот го симнаа големиот ривал Реал Мадрид. „Блауграната“ на домашен терен го совлада Еибар со 5-0, додека Енис Барди и Леванте го срушија кралскиот клуб победувајќи го со минимални 1-0.

Во убедливиот триумф на Барселона на Ноу Камп царуваше Лионел Меси. Аргентинецот постигна четири од петте погодоци на Барселона. Меси стрелаше три пати во првиот дел, а маестралниот настап го комплетираше со четвртиот погодок во второто полувреме. Петтиот погодок беше дело на Артур.

Леванте со Енис Барди во почетниот тим забележа голема победа против Реал Мадрид. Одлучувачкиот погодок на мечот го постигна Хозе Моралес во 79-та минута. Офанзивецот од прва без размислување ја упати топката кон противничкиот гол и не погреши бидејќи творец беше на евро гол. Во последните десеттина минути, Леванте го издржа налетот на „кралевите“ и го задржа минималното водство. Леванте со три бодови скокна дури четири места на табелата и моментално се наоѓа на 10 позиција.

Во останатите мечеви од денешната програма Селта Виго со 1-0 славеше против Легање и Реал Сосиедад со 3-0 ја преслуша Валенсија.

OhridNews